Раскошен фрескоживопис, стар 8 века

Црквата Св. Никола во селото Манастир во Мариово

Првата градба од 13 век во Македонија е црквата Св. Никола во селото Манастир во Мариово. Изградена е во 1266 година. Претставува возобнова на постар храм од 1095 година, како заветнина на протостраторот Алексеј, роднина на царот Алексеј први Комнен. Храмот бил во многу лоша состојба.

Во 1266 година игуменот Акакиј ја изградил денешната црква. Ова стои во напис на јужниот и северниот ѕид на централниот брод.

Црквата е трикорабна базилика без нартекс, архитектонска форма која веќе била застарена. Внатрешната поделба е остварена со масивни столбови и пиластри. Таа е последната трокорабна базилика во средновековнието во Македонија. Се споредува со Св. Ахил на островот Аил во Преспа и Св. Софија во Охрид изградени претходните векови. Градба била католикон на манастир и имала фунерарна функција. Таму бил гробот на ктиторот, игуменот Акакиј.

Фрескоживописот е од 1271 година.  Го фрескоживописувала група на зографи. Одделни сликарски тематски целини  се лоцирани во секој од трите бродови. Олтарната програма е со стандардни сцени со евхаристично – литургиски тематски сижеа. Централниот брод е илустриран со сцени од празничниот циклус. Под нив се допојасни претстави на маченици, а во првата зона се стоечки светители. Во северниот брод е сцената на Страшниот суд. Тука е и ктиторската композиција, една од најстарите во средновековниот фрескоживопис во Македонија. Страшниот суд се поврзува со фунерарните обреди и обичаи карактеристични за декорацијата на припратите. Поставувањето во северниот брод е изненадувачко. Во јужниот брод е патронот, Св. Никола и мошне интересните и ретки претстави на Лозата на старозаветниот Јесеј и Скалилата на спасението, позната и како Скалилата на Св. Јован Лествичник. Овие се најстарите фрески со оваа тема во Македонија. Лаковите се илустрирани со портрети на библиските пророци.

Мариовските зографи биле инспирирани од храмот Св. Ѓорѓи (1191 г) во селото Курбиново. Така е создаден споменик, клучен за проучувањето на историјата и уметноста на бурниот 13 век.

Во црквата се следат четири зографи со посебен начин на сликање. Првиот слика со влијанија од Курбиново. Вториот ги сликал пророците на лаковите, навраќајќи се на монументалниот стилски израз, негуван меѓу 10 и 11 век. Третиот ги создал светите војници. Потврдено е дека тоа бил ферендарот ѓаконот Јован. Карактеристичен е по сликањето на костими и попластичниот приод на ликовите. Четвриот зограф ги сликал Деисисот, Св. Никола и архангел Михаил. Бил претставник на ликовниот прогрес во овој период. Негувал силна експресија и мек авангарден цртеж. Зографите создале оригинално и уникатно дело.

Loading