ПРОТИВ ГНИЕЊЕТО НА МОЗОКОТ              

Состојбата на духот во светот се опишува со клучни зборови. Според Оџфорд Университѕ Пресс, изразот на 2024 година е “гниење на мозокот” (Браин Рот) – пад на интелектуалниот капацитет поради прекумерната употреба на интернетот. Инфузии на глупости и негативни, често и лажни вести, што траат со часови секој ден, го намалуваат задоволството од животот, мотивацијата и способноста за креативност. Вештачката интелигенција дополнително ги комплицира работите.  Како поединци, често го избегнуваме знаењето, а тоа  може да го загрози нашиот начин на живот. Ваквата “страст за незнаење” е пренесена на општествено ниво. Колективно прибегнуваме на негирање на фактите да се спречат промени. Ова го видовме и за време на пандемијата на коронавирусот, кога влијателни луѓе ја поткопуваа борбата против вирусот со минимизирање или ширење невистини.

Слично е и со климатските промени. Предусловот за подемот на нашата цивилизација, умерената клима, неповратно исчезнува. Незапирливиот раст на светската економија ги уништува почвата, водата, воздухот и живите суштества. Просечната глобална температура на планетата веќе е повисока за 1,5 степен Целзиусов во однос на прединдустриската револуција. А количините на еквивалентниот јаглерод диоксид во атмосферата секојдневно растат, дури и после Парискиот договор од 2015 година. Поразорни бури, поплави, долготрајни суши, шумски пожари се само дел од последиците. Најмногу штети и жртви трпат сиромашните земји. Трпат и богатите. Тоа се покажа во пожарите во САД. Сега САД  ќе произведуваат нафта и природен гас со дупчење и во морињата и океаните, кои се веќе закиселени.

Од друга страна, ни прифативме пакетот “Чиста енергија за сите Европјани”, кој според министерката за енергетика Божиновска носи низа регулаторни механизми кои го поттикнуваат развојот на обновливите извори, ја подобруваат енергетската ефикасност и ја јакнат пазарната конкурентност. Со неговото транспонирање, Македонија не само што ги усвојува европските енергетски стандарди, туку воспоставува поодржлив, транспарентен и интегриран енергетски систем.

Друг е проблемот колку и дали воопшто обновливите извори на енергија можат да станат базен дел во производството на електрична енергија. Сонцето и ветерот се променливи извори на енергија и можат да бидат најкорисни во комбинација со складирање на добиената  неискористена енергија (ако ја има), за да може да се чува за периодот во денот кога има највисок пик на потрошувачка. Најдобар начин за долгорочно складирање на државно ниво е со изградба на пумпно-акумулациони хидроелектрични централи. Но, ете, нашиот доста прогниен мозок се воодушевуваше од кичот Скопје 2014, на кој му се смее цел свет. Потрошените пари ќе овозможеа да се изгради  системот хидроцентрали Чебрен – Галиште.

И тие што критикуваа и ги пуштаа “бомбите”, кога дојдоа на власт, за 7 години не само што не заменија ниту една плоча стиропор, туку веднаш им проработи генот на лукративност. Дури и нé убедуваа дека ја субвенцираат електричната енергија со владини пари! Демек владата произведувала пари! Секој знаеше дека тоа се наши пари што слеваат од даноците во буџетот. Сега на сметките за струја не стојат субвенции од владата Цената на 1 КВч е приближно иста како ланската. Но, многу сметки од ЕВН се “напумпани”. Тоа што ние сите во Прилеп добиваме  повисоки сметки, тоа е зашто овие скоро 3 најладни зимски месеци годинава се со значително пониска средна дневна температура во споредба со ланската зима. Ќе речете, нема климатски промени. Не е така. Треба да знаеме дека Прилеп е на надморска висина од 650 до 700 метри, а температурата на воздухот во тропосферата опаѓа за просечно 6,5 степени Ц на секои 1000 м.н.в. А денес не само што зимите се потопли во однос на оние кога бев дете пред осумдесетина години, со исклучок на понекоја зима, туку и снегот го нема како тогаш. Ваквата суша од која страдаше земјоделското производство е само најава дека и хидроенергијата во иднина ќе ја имаме помалку, иако таа може најдобро да се складира, за разлика од сонцето и ветерот, кои се складираат на дневна основа. Можеби дождовите и снегот при крајот на месецов и почетокот на март ќе ја подобрат малку ситуацијата, но трендот суша останува. Без разлика на ваквата состојба, пумпно-акумулациона хидроелектрана е многу подобро решение отколку складирање на сончевата енергија со батерии од литиум. Само што требаат многу пари и веднаш.

А бидејќи сето тоа не може да биде основен енергенс за производство на електрична енергија, или за директно користење во индустриските процеси, мора да го бараме базниот извор, барем за до 2050-та година. Тоа е природниот гас. И тука има многу контроверзи. Па ние имаме влезен гасовод, ама од бугарска страна за руски гас. А сега го градиме интерконекторот со грчката гасоводна мрежа, односно со Турскиот тек. И добро е што ќе имаме 2 гасоводни конекции, ама кој гас можеме да го добиваме? Оној од Азербејџан е многу малку за да ги задоволи европските потреби. Останува уште оној ЛНГ (втечнет природен гас) од грчките ЛНГ терминали каде доаѓа со посебни танкери од Кувајт или САД. Тој ЛНГ од течна состојба (на температура од -162 степени Ц и под многу висок притисок), во тие ЛНГ терминали повторно ќе се претвора во гас и така ќе доаѓа кај нас преку гасоводната мрежа што до Грција треба да ја изградиме. Природниот гас во САД е навистина доста поевтин од рускиот гас што го добивавме, а Европа и понатаму го добива заобиколно. Но кога тој американски гас ќе ги претрпи сите тие трансформации и ладење и прекуокеански транспорт еве до Александрополис, и од тука со гасоводи до нашите потрошувачи, за нас станува најмалку двапати поскап.

А што ќе стане ако Трамп оствари реципрочните царини спрема Европа кои постојано ги најавува? Само ајде да не се занимавам со Трамп, да не остане некој новинар вчудоневиден.

Но, знаеме дека и гасот ќе биде дозволен за користење до 2050-та година, бидејќи и тој е фосилно гориво. При согорувањето испушта јаглерод диоксид. Затоа не треба да се заборави на нуклеарната енергија. Не дека ние сега треба да градиме класична нуклеарна електрана (идејата на покојниот академик, мојот голем пријател Томе Бошевски) – за тоа немаме ниту кадар, ниту пари, ниту големи води како Сава и Дунав. Но затоа можеме да користиме мали модуларни нуклеарни реактори, кои се испорачуваат како готови модули на она место каде што е најповолно и работат непрекинато според потребите на потрошувачката на електрична енергија. Не треба да го заборавиме инцидентот во Чернобил со експлозијата на графитното јадро на еден блок – под сплет на околности, каков што ни Хичкок не би можел да го замисли. А такви нуклеарки со графитно јадро одамна не се произведуваат. А што се однесува до инцидентот во Фукушима, тоа не беше инцидент предизвикан од работењето на електраната, дури ниту од земјотресот таа не настрада, туку од терцијарна причина – цунами предизвикано од земјотрес. Затоа немаше човечки жртви. Дефинитивно  не треба повеќе да постои одиум спрема нуклеарната енергија.

Може би некој овој предлог ќе го сфати како моја ескапада, ама јас го сметам за придонес против гниењето на мозокот.

Во светот годишно умираат милиони луѓе поради загадениот воздух. Кај нас е најлошо во европските рамки. Не се само нашите термоелектрани. Виновни се и дел од граѓаните. Покрај електраните на најнеквалитетен јаглен и мазут, се увезуваат многу половни дизел возила. Најстручните и најнезависните експерти од Светската здравствена организација уште во 2017 година докажаа дека азотните оксиди од согорувањето на дизелот се голем ризик фактор за појава на рак на белите дробови и други белодробни заболувања. Затоа Европаните почнаа нагло да се ослободуваат од таквите моторни возила, а ние станавме добар резервоар за нив.

Затоа, малите модуларни реактори, во комбинација со енергијата од обновливите извори е најдобриот начин за претстојната декарбонизација. При тоа да не се заборави дека сончевата светлина е неограничена, но материјалите за фотоволтаиците се ограничени, покрај проблемите со земјиштето што го зафаќаат и нерешениот проблем за помасовно рециклирање.

Миле Грданоски

Loading