Преправање со сурати

В недела под маски

Продолжува традицијата на маскирање, или како што велиме преправање за верскиот празник Велики Поклади, а кој локалните власти го негуваат повеќе од две децении како карневал Прочка со интерационален карактер. Прочка симболизира стремеж на луѓето барем за миг да излезат од својата кожа и да се претворат во нешто друго што ќе биде привлечно, необично. Се организирале прочкарски тајфи кои чукале од врата во врата, да ги видат домаќините и да ги почестат. Сурија деца се движеле по неверојатните маски за времињата. Празникот се толкувал не само за проштевање,  туку и за победа на доброто над лошото и бркањето на злите духови. Се “престорувале” во скелети или костури, ѓаволи, чалгаџии, кловнови, поштари, волшебници… Низ маските се покажувал сарказам, иронија, мајтап. Прочка била најава на плодност, пролет на бериќет.

Иако годинаве не ќе има гости од странство, прилепчани остануваат верни на адетите на претците, пренесувани од колено на колено, од генерација на генерација како празник на простувањето. Карневалското волшебство во разни бои, фигури и форми, полни со имагинација, но и со етно нитка го демонстрира нашето раскошно културно наследство. Оригиналноста и автентичноста се дополнува со модерни маски и перформанси за возбуда. Во атмосфера на фешта и забава се очекуваат стотици граѓани да се маскираат во разно разни групни и поединечни маски, да ги стават суратите на лицето и заедно со мечкарите, касапите во животински крзна и ритуални танции со “страшни” маски да дефилираат во градот, обележувајќи го вековното нематеријално богатство.

Помладите се забавуваат под маски доцна во ноќта меѓу саботата и неделата. Не изостанува ниту денската шема на игри и танци во кафетериите.

Карневалот практично се отвора денеска со изложба на маски создадени од фантазиите на децата од училиштата. В недела од 12 часот тргнува дефилето на маскираните низ плоштадот, меѓу кои и традиционалните маски на касапите.

Манифестацијата доби масовност, заради општата тенденција за ревитализирање на обичаите.

Карневалот Прочка го поддржуваат локалните власти и Министерството за култура.

Простувањето е напредок во животот

На прочка луѓето се простуваат. Што му вреди човечноста ако на ближниот не му се прости навредлив збор или навредлива постапка. На навредливи зборови се одговара со молчење, а на недозволени дела, не се враќа. Без простување нема напредок и соживот меѓу луѓето,  меѓу државите, меѓу загубените љубови, скараните браќа, роднините, пријателите, драгите, меѓу нетрпеливите соседи.

Програма

Петок, 28 февруари 12 часот – изложбата на рачно-изработени маски во Ликовниот салон на НУЦК “Марко Цепенков.

Сабота, 1 март, 12 часот – презентација на традиционалниот обичај, амкањетона кај Градскиот саат и настап на Robbie Ray Show.

Недела, 2 март, 12 часот – карневалската поворка по бул. “Гоце Делчев” до плоштадот “Методија Андонов Ченто”, збогатена со жонглери, акробати, кловнови, куклари и многу други изненадувања!

Понеделник, 3 март 12 часот – традиционален ручек и одбележување на Чист понеделник во манастирот Св. Ѓорѓија во селото Присад, заедно со здружението Прилепски мечкари.       

Амкање јајце

За Поклади се амка јајце. Младите ги посетуваат постарите и блиските и се простуваат со зборовите – “Прости ми” и со одговорот “Простено ти е од мене и од Господа”. Со татнежот на времето исчезнува обичајот на амкањето варено, а нелупено јајце, кое се врзува на конец и стап. Децата се обидуваат со усните, без помош на рацете, да го фатат јајцето што го ниша најстариот член во фамилијата. Амкањето било следено со весели зацрвени лица на децата, кои вложувале напори, некогаш и илаџиски марифети, само да успеат да го стават јајцето во устата. Се верува дека оној кој ќе успее да го фати јајцето, ќе биде следен со многу среќа целата година.

Амкањето се правело на вечер. Се собирало семејство по целодневните прошетки со сурати и маски по роднините и комшиите.

Loading