Сеќавања од детството на Драган Трајкоски
Во Прилеп тешко дека ќе се најде спорт кој во светот е признат, а тука не се играл! Ова е заклучокот по средбата со 63 годишниот сограѓанин Драган Трајкоски, некогашен раководител за информатика во Тутунскиот комбинат. Од детството, открива дека пред половина века во градов се играл и хокејот на мраз, спорт застапен главно во северните земји.

– Тоа беше во почетокот од седумдесеттите години на минатиот век. Како деца игравме секој ден по некоја игра, спорт, на многу игралишта, не само во Чачорица, каде што беа нашите домови, ами и најдалеку низ градот. Игравме на калдрма, на нерамнини, во кал.. Ништо не ни пречеше. Желбата беше огромна. Игравме и во лето, во најжешкото, и во зима, во најстуденото. За да почнеме со хокеј, поттик беше замрзнатиот простор каде што секојдневно се собиравме.
Месноста е позната како Чачорица. Во близина на некогашната компанија Макам или Сонце ГА, некогашен Црн бор – Шумско стопанство и транспорт Просторот со вода бил како “роден” за игралиште. Во зима често замрзнувал. Имало кочан, студени зими. Имало канали, некое мочуриште, па водата често мрзнела. Некогаш со месеци. Возрасните се нервирале оти не можеле да поминат, а децата се радувале оти ќе се изнаиграат хокеј. Тоа бил спорт што го гледале одвреме-навреме на телевизија.

– Идејатае од телевизијата. Гледавме зимски олимпијади, некои мечеви на кои играа најдобрите екипи од тогашната Југославија, словенечките Јесенице и Олимпија, хрватскиот Медвешчак… Во Македонија немаше ни “х” од хокеј, а ние во Прилеп ја негувавме оваа игра. За жал, немаме слика од тие настани, немаше фотоапарати, всушност ретко кој имаше. Имаме слика од тимот што игравме фудбал на соседното игралиште, а тие деца истите бевме и за хокеј на замрзнатиот терен. Игравме: јас, Мицко, Манце, Цане, Блаже, Џими, Томе Мајчинио… – кажува Трајкоски.

Ајде за фудбал лесно е со опремата, една топка е доволна. Толку. Ама за хокеј? Треба специјална облека, палки, лизгалки, треба плочка… Прилепчанчињата и овде се снаодливи. Облека носел секој каква што имал, а за палки се земале дрва долу свиткани за да може да се удри плочката. Плочката, која во светот на хокеј се вика “пак”, во Чачорица се заменувала со мало дрвено парче, мазно за да може да се лизга по мразот. Ами лизгалки? Немало никакви лизгалки. Секој носел, тоа што има. Кој со налани, влечки дрвени, кој со нешто друго, а за чорапи, тоа се волнени гети, калчуни. Секој бил опремен по овој редослед и хокејот може да почне.
– Важно беше да се игра. Големо задоволство. Две екипи од по четири-пет играчи. Не беше фиксиран бројот, туку променлив. Колку што беа тука од децата, толкумина играа. Се даваа голови. Се паѓаше на мраз и се стануваше. Сите играа и напред и назад. Само еден не се менуваше и редовно беше голман, Томе Мајчиниот – раскажа Драган Трајкоски
Врв на чесност
Од тоа време е примерот за чесниот, најчесниот меѓусебен однос на учесниците во играта. Не само во хокејот, ами и во фудбалот. Тоа е врв на чесност која се однесува на игра без судии, во која играчите се и судии, ама праведни, најправедни.
– Кога игравме хокеј, а и фудбал, немавме стативи, голови. Поставувавме два камења, лево и десно и тоа беше гол. Имавме замислена воздушна линија за висина и ширина на голот. Непостоечка, само замислена, а од сите деца прифатена. Ако е гол – сите се согласуваат дека е гол. Со години игравме без ниеден спорен момент. Ни судија, ни ВАР-систем. Највисоко морално-етичко достигнување – вели Трајкоски.