Зович е село во битолскиот дел од Мариово. Мирно, тивко. Живеат неколкумина мештани во убава природа и чист воздух. Се стигнува по асфалтиран, малку потесен, пат. Може да се оди со комбе, речиси еден час. Се поминуваат селата Логоварди, Новаци, Маково, Рапеш… Пределот е фантастичен, со недопрена природа.

Првин се забележуваат трошните камени куќи, но и по некоја новоуредена, која сопствениците ја реновирале и ја претвориле во викендичка. Пожелен е одмор од патот пред да се види музејот. Ги привлекува намерниците, оти е слика на едно време, кога тука живееле многу луѓе. За жал, “преживеале” десетина. Жителите заминале на сите страни во светот, покрај соседните Битола и Прилеп.

Според една легенда, селото го добило името по една чешма, која ја викале Бзович, бидејќи околу неа имало боз. Најголема атракција е мостот, или, како што сега го нарекуваат, “филмскиот мост”. Тој е лачен, приспособен на теренот. Граден е од делкани камени блокови. Се издига високо над Градишката река, која се спојува со реката Сатока и се влива во Црна река. Реден камен по камен како бисер еден на друг, мостот е едно од најубавите архитектонски дела во битолскиот дел од Мариово. Бил граден во 1955 година, на местото на стариот дрвен мост. Тој беше и инспирација за режисерот Милчо Манчевски, пред години да сними дел кадрите за филмот “Прашина”. Бидејќи е своевидна градителска умешност, и ден денеска се прекажуваат повеќе приказни како “никна” овој премин над селската клисура од едната на другата страна на чистата рекичка под него. Жуборлива водата долу, а горе се чувствува мариовскиот итромански дух, на маките на селскиот субстандарден живот. Ниту водата не го “испрала” бремето, иако немирно се удира од карпите на двата брега. Пред мостот е насликан ликот на Св. Ѓорѓи. Фреската е остаток од некогашната црква. Во долниот дел на коритото се наоѓа камена воденица. Населението ја користело за мелење житарици.

По кусата “истражна работа”, во етно ресторанот се ужива во традиционалното мариовско биено сирење и јагнешко или свинско под сач.
Блиску е селото Старавина со црквата посветена на Св. Богородица и спомен куќата на Калеш Анѓа. И селото Градешница, познато по легендарниот лик од Стале Попов, Итар Пејо. “Грев” е човек да е тука, а да не фрли “опул”. Средсело е старата црква и споменикот “Победа – 100 години потоа”, посветен на жртвите од Првата светска војна, а кој е донација на уметникот и скулптор, Златко Бојковски.
Чистата и недопрена природа никого не го пушта од прегратките. Го предизвикува на нова средба со дивото, но прекрасно Мариово.
Повреда го кренала мостот
Во средниот век, на местото на денешниот камен мост, постоел дрвен мост. Во 1952 година, некој селанец со претоварена воловска кола минувал и мостот се преполовил. Селанецот и воловите паднале в река. Тој добил трајни повреди на рбетот. Со здружени сили во 1955 година, селаните решиле да изградат нов. Мајстор бил извесен Ѓуладин (Џуладин), селото Лабуништа. Во 2014 година, мостот бил поправен и обновен од Општината Новаци.
Текст и фото: Каролина Мицевска