Со љубов и предизвици до живот на сцена

75 години театар “Војдан Чернодрински”

На 18 февруари ќе се одбележат 75 години од формирањето на театарот “Војдан Чернодрински”, кој низ овие децении се развиваше, растеше, акцентирајќи го домашното драмско творештво.

– Театарот “Војдан Чернодрински” низ децениите растејќи, беше различен. Преку претставите отвораше прашања, коментираше, просветлуваше, возбудуваше, откриваше, воспоставуваше систем на вредности, брануваше. Така е и сега. И ќе продолжи. Горди сме што сме посветувале внимание отсекогаш на праизведбите на текстови од македонски драмски автори – Коле Чашуле, Томе Арсовски, нашиет Благоја Ристески – Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески… – велат од  ЦК “Марко Цепенков”, во чии рамки од 2004 година дејствува театарот, при тоа посочувајќи дека интенцијата на раководството и на ансамблот е да изгради нов театар со модерна сцена.

Годишнината ќе се одбележува од 17 до 23 февруари, со манифестацијата насловена “Недела на театарот”. Ќе бидат прикажани  седум претстави и ќе има панел дискусија “Од Кир Јања до Ученикот”. Публиката ќе може да ги проследи гостувањата на НТ Битола, Велешкиот Театар, Театарот за деца и младинци и театарот Златен елец.

Завесата се кренала со “Кир Јања” од Ј.С.Поповиќ во режија на Аце Михајлоски. Таа е првата премиера со првите актери Рампо Ачески, Борка Димкароски, Благоја Кепески, Борка Солески, Блага Алампиоска, Блага Батаклиева, Рада Смилеска, Маре Русеска, Владо Спиркоски, Аце Михајлоски, Нада Галеска, Цане Настоски, Димче Шилоски… Потоа се ределе премиери. На “штиците што живот значат” стапнале и останале Мирко Стефановски, Рампо Конески, Кирил Ќортошев, Благоја Дамески, Правда Илиќ, Нада Стефановска, Кирил Жежоски, Јосиф Јосифоски, Димитар Гешоски, Љубиша Трајковски, Нада Гешоска, Живка Лабетиќ, Блага Алампиоска, Методија  Петкоски, Блаже Алексоски, Лилјана Ракиџиева, Ева Глишиќ, Лидија Иваноска, Кирил Ристоски, Трајче Иваноски, Благоја Ивчески, Благоја Спиркоски Џумерко, Димитар Вандески, Петар Димоски… Ги наследува Марјан Чамакоски, Андон Јованоски, Цветанка Чавлеска, Најдо Тодески, Виолета Чакарова, па актерите во сегашноста Игор Трпчески, Марија Спиркоска Илијеска, Наташа Ачански, Зоран Иваноски, Даниела Иваноска, Јасмина Мицовска Станкоска, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Катерина Чакмакоска Клинческа, Ангела Наумоска, Михајло Миленкоски, Владимир Ѓорѓијоски, Димитар Црцороски, Никола Настоски, Александар Степанулески, Илија Волчески…

Низ 75 години, со премиерите се нижеле успесите. Имало и падови, а ансамблот се збогатувал со искуство. Прикажани се околу 350 премиери со над 7000 претстави, гледани од над 1,6 милиони луѓе.

Режирале 70 режисери, од кои најмногу, дури 62 претстави биле потпишани од Благоја Дамески, потоа 24 од Коле Ангеловски, и од поновата историја, 15 претстави режирал нашиот режисер Кирил Петрески. Најмногу текстови, 15 пати на сцената се поставени од Б. Њушиќ, од кои трипати “Нажалена фамилија”. Најгледана е “Солунски патрдии”, а најнаградувана “Тапани во ноќта” Најгледаната е “Солунски патрдии” од нашиот драмски автор Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски, премиера во 1984 година, изведена над 110 пати. По неа е “Од кол на кол 1” (2007/2008), во режија на Коле Ангеловски, која шест години се играше не само на сцената во театарот, туку и низ цела Македонија. Најголем успех постигна со “Тапани во ноќта” од Брехт во режија на Мартин Кочовски,(2008) свртувајќи го вниманието и на балканската театарска сцена. Претставата се крена до димензии на бренд на македонскиот театар. Освоени се три награди, на МЕСС во Сараево и беше победник на 44-тото издание на МТФ “Војдан Чернодрински” (2009). Претставата “Кавкаскиот круг со креда” во режија на Мартин Кочовски, во 2011 година беше прогласена за најдобра на фестивалот Екс Понто во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра на МТФ “Војдан Чернодрински”. Голем успех во минатото постигнат е и со претставите “Цена”, “Од глаата си патиме”, “Силјан Штркот”, “Спиро црне”, “Лулка”, “Медеја”, “Кумови”, “Собирен центар”, “Туѓо сакаме, свое не даваме”, “Молам за секс”, “Градење црква”, “Коста Саруфте”, “Глоговиот џбун”, “Колобан”, “Полковникот птица”, “Арсениј”… Последните години се и претставите “Змејовата невеста”,  “Дупло дно”, “Клетници”, “Хамлет”…

Театарот низ годините поставуваше праизведби на текстови од македонски драмски автори. Забележано е дека првиот драмски текст од македонски автор игран на сцената е “Бегалка” во режија на Аце Михајловски, реализиран уште првата година. Текстот бил поставуван уште неколкупати. Праизведби доживеале и драмските текстови од Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески -Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески итн… Биле поставувани пиеси и од Васил Иљоски, Ристо Крле, Антон Панов, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Блаже Миневски, Никола Јонков Вапцаров, Живко Чинго, Братислав Димитров, Бранко Илиески…

НАГРАДИ  НА МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ”

Театарот е носител на повеќе награди на МТФ “Војдан Чернодрински”. Лани се закити со наградата од публиката за претставата “Дупло дно” во режија на Наташа Поплавска. Преходно  “Клетници” во режија на Мартин Кочовски, беше прогласена за најдобра (2018). “Љубовни пози на историјата” во режија на Наташа Поплавска се закити со наградата за колективна игра (2017). Истата награда во 2015 година беше освоена со “Сон на летната ноќ” во режија на Нела Витошевиќ. Во 2013 година “Змејовата невеста” во режија на Нела Витошевиќ беше прогласена за најдобра претстава во целина, а во 2010 година “Кавкаскиот круг со креда” во режија на Мартин Кочовски. Ансамблот на театарот беше победник на МТФ и во 2009 година со “Тапани во ноќта” во режија на Мартин Кочовски. Во 1998 година престижната награда и беше доделена на претставата “Полковникот птица” во режија на Владо Цветановски, а во 1972 година на “Цена” во режија на Ацо Алексов. Првата  освоена награда на МТФ е во 1970 година за претставата “Од главата си патиме” во режија на Ацо Алексов.

Каролина Мицевска

Loading