Сите сме свесни како светот секојдневно се менува. Полн е со предизвици и судири и често нé остава дезориентирани. Ете дојде точката кога стравуваме, и тоа со право, од најновиот напредок – вештачката интелигенција, иако уште не сме ги почувствувале бенефитите, барем не на нашиов јазик. Особено ова тешко го осознаваат старите или да употребам попристоен израз, повозрасните лица. Но, знаеме дека секој старее на свој начин. Оној кој не престанал да учи низ целиот живот, за разлика од оној кој цел живот чека да почне да живее, ете тој можеби остарел, но успеал да остане со млад ум. Таквиот старец не може да мирува и да не се труди да ги подучува помладите, особено оние кои на било кое ниво се избрани да го направат животот попристоен за секого.
Во денешно време на можности за пишување блогови, на безброј портали на интернет, на социјалните мрежи, повозрасните со млад ум имаат шанси својата мудрост да ја изнесат на светлината на денот и да покажат дека староста всушност е благослов, дека е подарок кој не му е даден секому. А дали и колку ќе успеат, најмногу зависи од опкружувањето од средината каде живеат.
Овде морам прво да се запрашам што е заеднички именител на она што кај нас се случува уште од август 1992 година, па до денес? Одговорот е дека кај нас, но и многу пошироко, староста е страшно поразена од младоста. Има примери колку сакате. Првиот е дека политичарите стануваат сé помлади и помлади. Од школска клупа – на владетелско ниво! Тоа можеби и не е толку важно. Поважни се другите работи, кои се однесуваат на секојдневниот живот. Кој го диктира вкусот на јавноста, кој во главните медиуми одлучува што е важно, а што е неважно да се објави, кој одлучува какви книги ќе се печатат и т.н. Сето е во ред, ако денешната младост барем малку наликува во нешто на онаа нашата, од педесеттите, шеесеттите години на минатиот век. Додуша, има и таква младост, и уште многу подобра, ама таа за жал, еве веќе 3 децении во голем број заминува одовде… А овде, владетелите поставуваа само свои блиски пријатели и партиски приврзаници за соработници или високи функционери. Некои, дури отворено ги омаловажуваа повозрасните, бидејќи ете наскоро секако ќе заминат. Денес сé е ориентирано на младите. Постарите некако го загубија правото на јавен глас. Ги ставаат во иста категорија со малите деца. Не знам зошто тогаш старите се најревносни во исполнување на својата граѓанска должност да излегуваат и гласаат на избори, често против себе, и уште почесто против нивните најмили – внучињата од Зет и Алфа генерациите. Не толку одамна, постарите имаа несомнен авторитет. Сега староста е лишена дури и од почитта што некогаш им припаѓала на луѓето со долг живот и големо животно искуство. Биле почитувани поради мудроста што им се припишува низ годините. Кај нас искуството не е почитувана вредност. Денес кој воопшто би ги слушал постарите, кој би им дал збор, каде тоа би постоел форум на кој постарите би можеле да се изразат затоа што се искусни во животот? Нема. Годините денес, сами по себе, не се вредност, тие се само товар. Вредно е само ако овие стари луѓе можат да бидат добри потрошувачи и нечии гласачи.
Да почнам од себе. Бев веќе во поодмината возраст кога пред 15 години се приклучив на социјалната мрежа Фејсбук. Свесен дека човечкиот мозок многу повеќе сака информации напишани на краток и интересен начин, отколку долги, здодевен за читање, првите постапував токму според тоа сознание. Поттикнат од многуте награди и признанија кои ги добивав како за време на образованието, така и во текот на работниот век (од првата награда што како тогашен седмокласник í ја донесов на гимназијата “Мирче Ацев” на републичкиот натпревар по физика во далечната 1956 година – сојузни натпревари не постоеја, добивајќи рачен часовник, преку студентските и оние како инженер од општинската тогаш деветтосептемвриска плакета, до оние од пронаоѓаштвото и од разни технички институции и организации), решив да пишувам и подолги, еклектични текстови за одредени локални или државни проблеми, кои со време станаа сé повеќе читани од моите пријатели на Фејсбук и од други видни личности, главно пензионерани универзитетски професори. Тоа ме исполнуваше. Елаборираните темиглавном се однесуваа на тоа како локалната животна средина да ја направиме поздрава, почиста, попривлечна… Сметав дека оние што сме ги избрале да нé раководат во општински рамки, не можат и не треба да се впуштаат во работата на малкуте преостанати и повеќето мали новоформирани фирми, како што тоа беше во минатиот систем, туку најважно е да обезбедат чист воздух, кој во количина од 20 кубни метри дневно му е неопходен на секој граѓанин, потоа чиста, здрава, по можност само изворска вода, па да го средуваат движењето не само на моторните возила, туку и на пешаците и на оние што возат велосипед, и градот со дијаметар од 3,5 км така соодветно за сите да го дизајнираат. Секако да поддржуваат разни културно-забавни, хуманитарни и спортски манифестации во градот. А првиот – обезбедувањето на чист воздух за секого и во секое време, особено во сезоната на затоплување, најмногу се допираше до мојата струка. И често објавував подолги текстови, како да не се затоплуваме уште како нашите пештерски претци и уште пострашно од тоа (со сурови дрва, но и со најразлични отпадоци, ѓубре, гуми, пластика, до истрошено моторно масло). Па како сите улици да не се чистат со метли од периодот јура (со кои се постигнува само кружно движење на прашината), туку со мобилни улични всисувачи на прашина и отпадоци, да се измиваат сите улици понекогаш со силен млаз на вода под притисок (не само да се полеваат, зашто така само слојот на прашина за кратко го претвораме во тенок слој на кал, за потоа уште посилно да ја чувствуваме прашината), па во зимски услови кога е неопходно за сообраќајот и движењето на пешаците да се користи индустриска сол, а не ризла која со годините само се акумулира како прашина по сите асфалтирани улици и тротоари (ако не се узурпирани од возила и бизниси) и уште многу други слични текстови.
Пишував како РЕК Битола да не биде термоелектрична централа на јаглен која најмногу ја загадува животната средина во споредба со сите други термоелектрани на јаглен на Балканот. Пишував за потребата од државна мерна станица на загаденоста на амбиентниот воздух, која најпосле ја добивме, но еве веќе 2 години, како јавува МЕТА, таа не испраќа податоци. А во меѓувреме ќе ги добиваме податоците на мобилните телефони од АЉИ (ЕјКјуАј) кои секогаш покажуваат дека воздухот не е добар за чувствителната популација, а доминантен загадувач во Прилеп секогаш се оние најситните и најопасните ПМ2,5 честички, кои многу лесно минуваат низ белите дробови и преку алвеолите навлегуваат во нашиот крвотек.
Сето ова со цел како најрационално, најекономски, енергетски најефикасно и еколошки најприфатливо да имаме здрава животна средина во секакви временски прилики. Со тоа да не бидеме водечка земја во Европа според бројот на починати од рак на белите дробови, па и други канцерозни заболувања. Загадениот воздух, според најновите истражувања, е ризик фактор и за зголемено насилство и криминал кај помладата популација во урбаните средини.
За текстовите добивав исклучително позитивна поддршка и многу конструктивни сугестии од повеќе мои Фејсбук пријатели. Им благодарам! Но, ниту еден надлежен, поединец или институција, не се огласи (со исклучок на ПР на еден градоначалник). Тоа е знак на игнорирање на една благородна иницијатива, барем така сфаќав. А ќе признаете, игнорирањето стопати потешко боли отколку критикувањето. Ама надлежните сето тоа можеби го сметале за нивна критика, а не за помош што сум сакал да им ја предочам. . Јасно ми е дека институциите, и локални и државни, од секогаш биле главно затворени, дека стариот е достоен за игнорирање, дека многумина далеку попознати личности во државава биле, и се отфрлени, истуркани од сцената, само затоа што општиот наратив за старите луѓе кај нас на Балканов е дека се тие издувани, забегани, сенилни старци. Зашто, во една примитивна средина, да го парафразирам нобеловецот Иво Андриќ, на стареењето се гледа како на лична несреќа која го погодила некого, а не како на универзална судбина. Ете многу работа за социолозите, психолозите, педагозите…
Миле Грданоски