Постарите жители на Прилеп и блиските села, го паметат анот на Стевананџија. Беше најголем со 1700 м2 во строгиот центар. Излегуваше на две улици, со огромна порта. Лево и десно имаше по еден дуќан. Поголемиот дел беше со поглед кон булеварот. Располагаше со гостилница, налбатница, ар, настрешница и четири дуќани. На прилепските моќници им сметаше презимето Стевананџија. Им претставуваше ноќен кошмар. По кажувањето на родителите, првиот дуќан бил урнат 1948 година. Следните години, објектите биле етапно рушени. Ќе дојдеше некој функционер и ќе речеше, овој дуќан треба да падне и да се урне. Џелатот кога ќе му текнеше, секогаш доаѓаше соистата приказна. Не помагаа солзите на мајка ми, плачот, молбите и прашањето зошто ова ми се прави. Агонијата на семејството заврши 1971 година. Од анот остана гола земја, ледина в центар.
Зенит, во број 829 од 31 јануари во катчето Стара фотографија, објави фотографија од анот со краток текст. Не знам дали фотографијата и текстот се позајмени од некој медиум од пред 50 години или е новинарско видување. Текстот е крајно необјективен, непрофесионален и далеку од вистината.
Жив сведок сум на настанот и знам што се случи. Едно кобно октомвриско утро 1971 година упаднаа луѓе во војнички униформи во широкиот двор. Командирот го познавав, ама не сакам да му го спомнам името, како и имињата на оние монструми, рушители зошто не сакам да ги навредам нивните потомци зошто не се виновни за гревот на родителите. Го прашав што се случува, а тој ми одговори кратко – наредба. На еден од војниците му наредиле да го скрши катанецот од вратата, да постави експлозив и да го активира. Мајка ми молеше да не го прави тоа зошто анот за нас беше живот. Се слушна силен татнеж помешан со пискотот на мајка ми. Потоа молк. Од експлозијата беше уништен покривот и усмртени многу кокошки кои тука преноќуваа. Значи, шталата не беше запалена, се случи нешто ужасно што не се заборава. Објкетот не беше распаднат, немаше пламени јазици на пожар, и ако имаше не можеше да се прошири бидејќи објектот беше осамен. Сето ова беше направено во голема еуфорија за да се прикаже СВОЗ (Сите во одбрана и заштита). Мајка ми набргу почина од добиениот стрес, болка и тага. Описот понатаму за настанот станува пакосно духовит. Стои дека настанот го следеле стотина граѓани кои аплаудирале. Само ненормален човек може да го прави тоа кога му се руши домот пред неговите очи. Како очевидец во очите на граѓаните видов горчина, чудење, револт и осуда.
Новинарот го завршува описот со уште една невистина. Демек, од интервенцијата имало урнатини кои исчезнале кога Домот бил изграден.
Ќе звршам со насловот, зборот курбан во лексиконот значи жртва. Анот не е курбан туку уривањето е чин на безумни луѓе, монструми, спремни да извршат ужасни дела.
Фотографијата потсетува на тешките времиња, кога некои поединци со болни умови вршеа терор врз слабите, немоќните, кои не можеа да дадат отпор.
Професор во пензија Круме Стевананџија