Прво реми за Победа  

Фудбал

Се случи четвртиот зимски тест-меч за второлигашот Победа. На Градскиот стадион “Гоце Делчев” гостуваше силниот второлигаш Башкими од Куманово. Мечот има хуманитарен карактер, бидејќи целиот приход од влезниците е наменет за помош во лекувањето на младиот сограѓанин Виктор.

Во првото полувреме паднаа два гола. Победа поведе по изведен слободен удар оддесно. Убав центаршут испрати Давор Богевски, а топката со глава кон мрежата неодбранливо ја упати Петар Петроски за 1:0. До крајот на првиот дел Башкими успеа да израмни преку Фахрудин Ѓурѓевиќ. Нерешениот резултат остана до крајот на мечот. Прво реми е зимава за Победа, тим со овој почетен состав: Шемкоски, П. Петроски, Кофиловски, Ивчески, М. Талески, Каба, Богевски, Да. Спиркоски, Д. Шаркоски, Ќерими, Бектеш.

По дуелите со Воска во Охрид, со Македонија ЃП во Скопје, со Шкендија во Арачиново, со Башкими во Прилеп, следниот, петти тест за Победа е со Вардар во Неготино, в сабота.

Loading