КРАЈГЕРОВИТЕ ИНЖЕНЕРИ

Кога во втората половина на педесеттите години се запишав на машинскиот факултет во Белград (иако мојата голема желба беше да студирам нуклеарна физика, но ете нашата администрација во Скопје и во тоа време била спора, па известувањето дека сум добил стипендија да ја студирам  саканата наука ми го доставија дури откако ги положив скоро сите испити од прва година на машинскиот факултет), уште при првите средби со колегите од постарите генерации слушавме како нí велат:

–  Ајде со среќа и вие да станете Крајгерови инженери!

Ми беше чуден тој израз. Имав слушнато за Борис Крајгер, ама каква врска ние што сакавме да бидеме инженери имавме со него? Но, студентската љубопитност не ми дозволи многу долго да чекам додека да го осознаам потеклото на таа синтагма. Имено, во тоа време професор по математика и на електро-техничкиот и на машинскиот факултет беше прочуениот Радивој Кашанин, најмладиот од тројката врвни српски математичари – светски познатиот Милутин Миланковиќ и Михајло Петровиќ – Алас, со кои заедно работел. Тој, Кашанин, бил врвен предавач и автор на виша математика во 3 книги. На испитите бил строг. Барал студентите не само да ги решаваат задачите, туку и за секој израз и за секоја постапка при решавањето да дадат одговори на професоровите прашања. Затоа студентите многу тешко добивале преодна оценка. Во тоа време, на факултетите постоеја студентски организации на Сојузот на Комунистите. Во првата половина од педесеттите години, додека уште беше жив Моша Пијаде, а Милован Ѓилас туку што ги почна критичките написи во весникот БОРБА во кои бараше либерализација на политичкиот систем, и пред да ја објави книгата, “Нова класа” (мислел на комунистичката класа во Југославија) и да заврши в затвор, беше уште во врвот на СКЈ и сојузен секретар (тоа беше тогашниот израз за министер) за образование, а тоа значи во учебната 1953/54 година, кога група студенти- комунисти посакале да ги информираат највисоките државни фактори за строгоста на професорот Кашанин, во услови кога на југословенското стопанство кое во тие години и потоа беше во извонреден подем, а на индустријата í беа потребни многу инженери. Групата сметала дека државните врвни раководители ќе интервенираат или можеби дури и ќе го сменат строгиот професор кој не им овозможувал лесно да станат инженери и да работат за доброто на нивната татковина. Решиле првин да го посетат претседателот на Сојузното Собрание, Моша Пијаде. Тој им одговорил дека не е надлежен за нивните проблеми. Групата решила да оди кај Милован Ѓилас, надлежен за југословенското образование. Тој ги прашал дали професорот Кашанин ги турка на испит само комунистите или сите.

– Сите, без разлика дали се или не се комунисти, одговорила групата.

– Проблемот е кај вас – им рекол Ѓилас на загрижените студенти.

Не се откажале од намерата да посетат уште некој од врвните политичари. Сметале дека најдобро е да му го изложат проблемот на  Вељко Влаховиќ, кој пред војната студирал на машинскиот факултет во Белград, а бил едно време и главен на Одборот за просвета при Сојузниот извршен Совет (југословенската влада). Влаховиќ љубезно ги примил, потсетувајќи се на своите студии и им рекол на студентите кои дошле кај него:

– И јас еднаш паднав кај Кашанин, ама потоа многу подобро се спремив и положив.

Разочараната група на студентски комунисти од електро-техничкиот и машинскиот факултет се договорила да му пренесат широко образложение на Борис Крајгер. Тој бил во владата најодговорен за општественото планирање и развојот на економијата. Му изнесле податок како од 500 студенти на двата факултети кои се пријавуваат да полагаат математика кај професорот Кашанин, во сите испитни сесии во една година, одвај положуваат само педесетина, додека на државата í се прекупотребни и машински и електроинженери при таков силен економски развој, особено на индустријата и дека со ваквите постапки професорот Кашанин всушност го сопира напредокот на државата. Откако му налепиле и таков антидржавен епитет, Борис Крајгер кратко им одговорил:

– Јас много повеќе ги сакам оние 50 инженери од професорот Кашанин, отколку вашите 500!

Засрамената група заминала, разбирајќи најпосле дека нема да станат инженери ако не се спремат добро да положат и математика 1 и математика 2. Средбите и разговорите се држеле во тајност пред другите колеги. Но, одговорот на Крајгер набргу се раширил меѓу сите студенти кои се спремале да полагаат математика. А Кашанин продолжил да биде строг и да ја развива научната мисла за математиката во научните трудови со колегите, посебно со академикот Павле Савиќ, кој пред втората светска војна работел на проблемите на радиоактивноста заедно со Ирена Жолио Кири (ќерката на Марија Кири), а поради избивањето на војната не ја добиле Нобеловата награда, бидејќи не се доделувала од 1940-1943.

Крајгер, заедно со нашиот Киро Глигоров, сојузен секретар за финансии, беа главните креатори на стопанската реформа за премин на југословенското стопанство кон пазарна економија (југословенски еуфемизам за капитализмот). Но, беше потребна реформа на општествениот систем, што изостана. Почнаа штрајкови, демонстрации на студентите 1968 г., националистичките демонстрации во Загреб и сл. Штета што Тито не прифати повеќепартиски систем. Тој беше толку популарен, што неговата партија сигурно ќе победеше. Но, и да не прифатеше, можеше и со СКЈ, по примерот на сегашниот кинески лидер Си Џи Пинг да ја направи Југославија голема економска сила. Ова е само попатно.

Ми беше задоволство да ги слушам предавањата на професорот Кашанин, покрај обемноста на материјалот (збирка од 2500 задачи од Мешчерски), па математиката 1 ја положив уште во јуни, а бидејќи професорот Кашанин на свое барање замина во пензија, математика 2 нí предаваше професорот од природно-математичкиот факултет во Белград Тадија Пејовиќ, кој веќе имаше објавено Математичка анализа во 4 книги.

Тоа беше системот на високо образование во тогашна Југославија, кога машински факултети постоеја само во Белград, Загреб и Љубљана.

По дипломирањето во 1961 година (10 денови пред мојот 23-ти роденден), се отворија вакви факултети и во Сараево, Скопје (како електро-машински) и во други поголеми градови во Србија, Хрватска и Словенија. Па на наредните генерации им беше полесно, ако сакаа да избегнат некој строг професор, се запишуваа на ист факултет само во друг град. Демек, исто како денес кај нас? Е, само тука има еден мал, многу голем проблем – универзитетите во Нови Сад, Крагуевац, Ниш, Ријека, Осијек, Марибор…на Шангајската листа за рангирање на 2000 најпознати универзитети во светот се 300 до 600 места погоре од позицијата на нашиот врвен и најстар универзитет Св.Кирил и Методи во Скопје, кој е при крајот, на 1990 место.  Дури и Универзитетот во малата Нова Горица (градче со дваесетина илјади жители, изградено од Словенците по 1948 година, после Парискиот договор за границата меѓу Италија и Југославија) според таа листа од 2023 г. е пред нашиот најстар универзитет (ало, вие што бевте надлежни за високото образование и што ги поставувавте министрите, знаете ли каде е Нова Горица ?!).              Додека универзитетот од Белград редовно е во првите 500, некогаш меѓу првите 300.

Ето токму тоа, нам на Крајгеровите инженери од Белград, нí овозможи низ целиот работен, но и животен век, да можеме успешно да ги осознаваме и применуваме сите новини не само во нашата струка, туку и во целокупната наука и технологија. Сега знаете што научиле Крајгеровите инженери, а што овие од многуте универзитети кои во малечкава Македонија по осамостојувањето почнаа да никнуваат како печурки по дожд. Посебно можете ли да замислите ако група од студенти, од партијата на власт, се пожалат на некој професор кој е од спротивната партија, што ќе стане со него? Тука е разликата меѓу тогашната партиска држава и сегашнава, до перфекција усовршена партиска демократија.

Миле Грданоски

Loading