Трета сесија од циклусот “Процеп во процес”
“Кога книжевноста оживува на филмското платно” е третата сесија од литературно-едукативниот циклус, кој полека го дефинира и оправдува името “Процеп во процес”, што се одржа во ЦК “Марко Цепенков”. На гости дојде Ана Опачиќ, доцент на Универзитетот “Еуропа Прима” и теоретичарка на филмската уметност со докторската дисертација спакувана во книжевен формат со наслов “Авторски политики во филмските адаптации”. Промотор беше Ѕвонко Димоски, а модератор Александар Еленин.
– Теориското и аналитичко дело во три сегменти, преку апликативен модел на анализа, прави истражувачко спојување на две круцијални уметнички форми – книжевноста и филмот. Опачиќ загатнува неколку клучни прашања на интермедијалноста при филмските адаптации на книжевните дела. Прави паралели за “можностите и неможностите” на филмскиот и книжевниот јазичен израз и нивните меѓусебни надополнувања и за границите на авторството во филмската уметност при обработката на книжевното дело – велат од ЦК “Марко Цепенков”.