СТРАВ ОД ЗНАЕЊЕ

Денешниот свет е на ова ниво благодарение на научните постигнувања и високиот степен на знаење на луѓето кои веруваат во науката. Секој што ги следи и верува во научните тестирани и проверени сознанија, барем еднаш во животот ќе се запраша зошто некои луѓе имаат тенденција да веруваат во нејасни и научно сосема неосновани мислења и да имаат многу повеќе емотивна реторика, отколку верување на фактите и на научните трудови.

Но, секој има право на свое мислење. Убавината на светот лежи во различностите. Светот сосамо едно наметнато мислење, кое никогаш не би се менувало, е безидеен, стерилен , се откажал од правото да оди напред.

Но, јасно е дека и научните догми не се вкаменети. Се уриваат и се менуваат со аргументи. Со ваквите парадигми би требало да еволуира и свеста на сите луѓе. За жал, не е секаде така. Пример е нашата популација. За да го проверам тоа правев некој вид лакмус тест на Фејсбук, поставувајќи јавно некои научни достигнувања како прашања, очекувајќи развивање на поширока дискусија во коментарите од голем дел од моите пријатели и од пријателите на моите пријатели,  до кои секакстигнува оваа социјална мрежа. Најчесто главно гледам молк, освен три-четири вредни коментари и дваесетина лајкови од пријателите со кои споделувам многу блиски мислења, без оглед на значењето за нашиот напредок. Одзивот е над очекувањата ако поставам фотографија од моите планинарски или други активности. Да не зборувам кога некој ќе постави некаква религиозна икона на некој светец и објаснува нашироко за биографијата на светецот, или некоја историска непотврдена тема, посебно ако е нешто што се граничи со теоријата на заговор, со негирање на научните космолошки, информатички,  медицински, биотехнолошки или фармацевтски постигнувања, да не ги споменувам меѓупартиските коментари. Тогаш одзивот на Фејсбуковците е огромен.

Луѓето повеќе се интересираат за хороскоп и за разни митови кои се обид да се објасни светот врз основа на непостоечки докази. Така можеме да читаме за сигурно видени вонземјени, летечки објекти, дека кондензираните издувни гасови од авионите се отрови и вируси со кои нé прскаат од 10 километри височина, дека слетувањето на Аполо на месечината било снимено во некое студио во Холивуд, и тоа во време кога Трамп со Маск се спрема да го освои Марс (добро, ако не може веднаш Марс, може Гренланд).      И да го цитирам големиот Габриел Маркез – “Додека чудни работи се случуваат од другатастрана на реката, ние седиме овде како магариња”… Дали со нашиот страв од знаењето не сме ли и ние тие магариња?

Примерите покажуваат преовладува страв од знаење. Знаењето доведува до промени, а промените луѓето не можат да ги осознаат. Сум доживел при имплементација нови, истражувачко-развојни решенија. Луѓето се обидуваат да најдат некое веќе двомилениумско, цврсто објаснување што не зависи од човечката волја и врз тоа да градат сé. Тоа е добра намера, ама не е можна реализација за подобрување на егзистенцијалните и вкупните потреби на луѓето. Тоа помага во намалувањето на нивните стресни состојби, им влева оптимизам, што како вера и верување им е многу корисно, но нема  никаков ефект врз напредокот.

Се поставува прашањето зошто луѓето се препуштаат на вакви ирационални и паранормални мисли. Одговорот на социјалната психологија е дека луѓето бараат познати обрасци, бараат значење во бесмислениот хаос на информации кои не можат да ги осознаат и обработат. Заклучуваат дека постојат шеми кои не постојат во реалноста или не се во состојба да ја препознаат вистинската шема. Сето тоа се епистемолошки грешки, резултати од неспособноста за осознавање, од недоволната и погрешната информираност или тенденција да се следи “линијата на најмал отпор”, што резултира со застрашувачки перцепции за светот. И сé што ги плаши луѓето од знаењето и создава некои форми на параноја, има негативен ефект на поединецот и на целата заедница.

И доаѓаме до она од што најмногу веќе страдаме – системот на сегашното високо образование. Наместо со реформи да се врати состојбата пред 1991 година, со два државни универзитети кои ќе бидат високо етаблирани на светската листа од 2000 најпознати универзитети, (ако веќе никако не можеме да го вратиме системот на моето високо образование во Белград од педесеттите години на минатиот век), ние затворивме само 4 институти за кои никој не слушнал, наместо, како што со право предлага професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, постепено да ги затвориме сите оние  универзитети и стотина факултети оформени во последниве 34 години, во услови кога бројот на населението постојано се намалува. Само така ќе го избегнеме претворање на високото образование во купо-продажен бизнис на дипломи и титули. Ќе престане праксата секој, без никакво предзнаење, да се запишува на факултет и без никаков труд  да добие диплома, дури ако треба и со замена на суштинските предмети од една научна област, во изборни предмети. Зашто со ваквото образование, најмногу страдаат оние кои сакаат да научат и да бидат препознаени во светот на промените и напредокот, ако веќе решиле да не ја напуштаат државава. Предлогот не е популарен и може да доведе до политичка криза. Но, ваква состојба е создадена преку разни надворешни емисари со согласност на нашите политичари. Затоа јас почесто се навраќам на Сократовата филозофска мисла за демократијата, или барем на предлогот на професорката Мирјана Најчевска, кои услови треба да ги исполнува оној кој сака да биде политичар.

НИе сме мала држава која е колку едно предградие на поголем европски или американски град. Со ваков систем на образование, од основното, преку средното, до високото, ние, според економската моќ, ќе станеме всушност само една мала улица од тој град, со сосема несигурна иднина. Зашто сите  знаеме дека ниту една приватна фирма, домашна или странска, нема да вработи лице без знаење. Тогаш да го вклучиме малку нашиот мозок!

Миле Грданоски

Loading