Даниел Мелвил Македонска рапсодија 64

Куќата како во древно време се состоеше од една просторија, разделена на средината со греда на земјата, подот на два дела. Од едната страна на гредата е “дома”, отаде гредата имаше неколку домашни животни да се запазат од студот, од дивите животни и од евентуални арамии. Тоа соседство со добитокот создаваше повеќе топлина во куќата направена од гранит, со покрив од плочи, потиснати со камење да не ги однесе ветерот. Можно ли е ова во 20 век? Во светов сé е можно, па и ова…

Кога се раздени, старецот го оседла својот мал неизморлив коњ со кроток поглед. Излезе надвор и почна да гесткулира и да вика вооружен со долг и јак стап. Волците потпобегнаа. Малку подалеку запреа и го следеа секое негово движење.

– Одиш в град? – го праша една од жените кои веќе се занимаваа со нивните секојдневни работи низ куќата.

– Да, ќе барам помош за неа – одговори старецот, покажувајќи дискретно со главата накај болната легната на сламена постела, со главата спуштена на перниче исполнето со маховина.

Жените сакаа да го задржат, но овојпат не решијам бидејќи не сакаа “да ја земат на душа” нивната соселанка, која веќе долго време се мачеше, не сакајќи да си ја испушти душата.

По неколку последни препораки, совети, старецот го јавна коњот и замина по снегот, следен на учтиво растојание од волците. Сињакот му ги бојоса во бело мустаќите, веѓите на човекот и на коњот. Го наби калпакот од кожа од црна овца и прошепоти:

– Не треба да заспијам, оти по овој студ никогаш нема да се разбудам!.           Извади цигара веќе “стуткана” со качак во харија од стар весник, за да се стопли со чадот во текот на бескрајното патување до градот што е далеку, дури онаму долу  в поле. Со секало од парче железо, кремен и трат ја запали цигарата. Ветерот повремено му ги полнеше очите со снег, та не можеше повеќе ништо да гледа. Смелото коњче, од време на време, пропаѓаше до мевот во снегот, ама, со резигнацијата на својата раса, продолжуваше, макар и мачно, да напредува по невидливиот пат означен со оголени грмушки. Старецот му дувна на ветерот сина плетенка чад, веднаш заватена, деформирана, ресорбирана, исчезната. Си велеше – “Само да не заспијам! Ах, ѕвере едно, ти си им главатарот!”. Така подвикна, забележувајќи дека еден од волците се осмели многу да му се приближи. Со својата непогрешлива рака, со еден куршум го кутна животното и веднаш внесе друг куршум во цевката од пушката. Волците се нафрлија на нивниот убиен еднородник и почнаа да му кинат од телото крвави топли расчадени парчиња.

“Само да не заспијам, оти ќе замрзнам и нема да се разбудам!” – старецот си  повтори во умот.

Времето се подобри по неколку дена. Дојдоа луѓе со помош за селото. Тргнаа да го бараат старецот, кој никогаш не стигнал до градот. На едно место ја најдоа пушката без ниту еден куршум. Оние кои го познаваа старецот, знаеа дека ниту еден од проектилите не бил исфрлен напразно. Најдоа и неколку партали од облеката и големо крваво петно на снегот. Сето тоа беше покриено со многубројни отпечатоци од волчки шепи.

Тоа беше сé што остана од старецот, од коњот и од волците што неговата стара извежбана рака на елитен стрелец ги испотепала.

Во меморијата на луѓето старецот остана како херој, оти никој дотогаш од селото не се обидувал да отпатува пеш или со коњ во зимно време по дебел снег, и во метеоролошки услови како оние кога човекот тргна да спаси еден живот.

(продолжува)

Loading