Пред половина век, многу се полагаше на безбедноста. Покрај војската, државната заштита од “внатершниот и надворешниот” непријател беше доверена на чување и на таканаречената територијална одбрана и на цивилната заштита. Системот често се проверуваше на подготвеност за интервенции при надворешна агресија, а цивилната заштита се спремаше за борба со елементарни непогоди.
Во една таква контрола на цивилната заштита, наречен “Сите во одбрана и заштита” – СВОЗ, властите ги запалија остатоците од анот на Стевананџиовци на местото каде денес е џампинг фонтаната пред Домот на култура. Единиците за борба со пожари демонстрираа подготвеност за интервенции на распаднатиот ан од стотина квадрати. Покажаа како би гаснеле при поголема огнена стихија. Го сардисаа објектот со разноразни средства за гаснење и противпожарна заштита и успеаја да не дозволат проширување на пламените јазици. Вежбата беше наочиглед на стотици љубопитните прилепчани, кои дури и аплаудираа на ефикасноста.
На местото на интервенцијата останаа само урнатините, кои десетина години подоцна исчезнаа со никнувањето на Центарот за култура.