Висока е македонска кралска престолнина

– Во досегашните ископувања откриени се монети, керамика, делови од штитови со ликот на кралот Деметри.

Археолошките истражувања на локалитетот Висока, кај селото Старо Бонче покажаа дека станува збор за значаен објект на градот Пелагонија, што бил престолнина на кралството Пелагонија. Тоа е локалитет од прва категорија, кој во себе крие големо археолошко богатство.

– Тука била престолнината на пелагонското кралство. При истражувањата се најдени керамика, анфори за вино, масло. Тоа говори дека обичните жители тоа не можеле да го имаат, освен кралските семејства. Тоа дава потврда дека Висока е кралски град – велат археолозите.

Градот е на највисокиот врв на Селечка планина, висок 1472 метри. Распослан е на два хектари. Има одбранбен ѕид. На највисокото место внатре е дворецот, изграден од големи камени блокови. Утврдено е дека датира од 4 век п, н.е.

– Во подножјето, во Старо Бонче, евидентни се остатоци од повеќе гробови, монументална гробница, околу кои е најден ѕид од големи камени блокови како горе на врвот. Во Македонија нема нешто слично. Допрва треба да се дооткрива гробницата. Се очекува да се направи приспаен пат до врвот на градот – велат истражувачите на Висока.

Има некои дилеми за значењето на градот.

– Би можел да се идентификува како антички град Пелагонија, престолнината на кралството Пелагонија. Остатоците говорат за владетелска величина на необичен човек. По тој град се трага над 180 години. Кралот на Пелагонците е споменат како донатор во Атина, дал помош во пари и во војска во 365 година п.н.е. Тие години се јавува благородник кој бил крал или брат на кралот. Во 363 година се јавува човекот со име Менеон Пелагониски. Дилемата е недостигот од раноцарскиот културен хоризонт, а тоа е периодот од 1 до 3 век од нова ера. Тоа е време кога градот Пелагонија, кој по поделбата на макеоднската империја на 4 дела, бил центар, седиште на четвртиот дел. Римјаните го повластиле овој град, на граѓаните им дале да уживаат римско граѓанско право, да гласаат и младите Пелагонци да бидат регрутирани во војска. Има податоци дека 7 војници биле родени во овој град, а умреле на различни места во римското царство. На нивните епитафи пишува дека се од градот Пелагонија. Од истражувањата е  потврден хоризонт со монета на Нерон. Нема парчиња и статуи. Допрва треба да се копа во подлабоките слоеви – велат археолозите.

При досегашните истражувања откриена е керамика од 4 п.н.е, монети на македонските кралеви, драхма на Александар Македонски, потоа монети од градовите од вториот век, монети на кралевите Антигонгонат, па Деметри, монети од новата ера, од Константин, Гордиан, Нерон, па потоа Аркадиј. Освен монети има делови од накит, делови од воени копја од напаѓачите. Пронајдена е една парагнатида од шлем од 3-4 век п.н.е. Таа е конзервирана. Потоа квалитетна керамика од хеленистичкиот период.

– Се истражува површината од 350 метри должина, 100 метри широчина. Очигледно е дека станува збор  за голем  град. Плус дворецот со големите блокови. Тука живеел некаков крал или кнез. Гробницата во подножјето говори дека тој човек тука е погребан. Во Македонија  само на неколку места има такви објекти – велат археолозите.

Loading