Идниот пилот е втор на Светската листа

Моделарство

Прилепчанчето Лука Најдоски, покрај обврските за средното воздухопловно училиште во Белград, успева да биде и врвен спортист, во воздухопловното спортско моделарство. Не само што учествува, туку и победува. На ранг-листата од јуниорите од целата планета според ФАИ, тој е на високото второ место, меѓу 63 репрезентативци од многу држави, веднаш под Полјакот Томаш Језиорни.

– Лани имав врвни резултати, а следнава сакам уште поголеми. Учествував на многу натпревари од светските купови. На седум освоив први места во Ф1А (едрилици). Настапив во Бугарија, Србија, Романија, Словачка… Следната цел ми е висок пласман на Европското јуниорско првенство во Романија – вели Најдоски, спортски наследник на својот татко Станислав, најдобар спортист на Прилеп за 2000 година. 

Во воздухопловниот спортски клуб “Фил феникс” има повеќе генерации успешни спортисти. Покрај Лука, тука е брат му Дино, па Анастасија Пожарска, Симона Тошеска, Михаил Пожарски… За нив најблиска поддршка секогаш се Здравко Тодороски, директор на клубот, како и ветераните Диме Велкоски и Станислав Најдоски.

Loading