Херцег Нови
Херцег Нови е помало туристичко место на црногорското приморје на влезот на Бокакоторскиот залив под планината Орјен. Со околу 11 илјади жители е мирно и тивко место, совршено за одмор, без вообичаениот метеж што го има во Будва.
Пожелно е да се види во секоја доба од годината, особено лете. Температурите во зима не се под 10 степени, а во лето, иако е топло, сепак воздухот е поволен.
Градот одлично функционира. Ако може да се избира, посетата на стариот град, богат со историја, култура и традиција, е незаборавно доживување. Единствен е со старата архитектура со тесни улички и скали. Бидејќи лежи на каскаден терен, има повеќе скали отколку улици. Скалите се симбол на градот. Мештаните раскажуваат дека секоја скала има своја историја и приказна. Градот е полн со споменици. Значајни се Канли Кула, Котибилј, куќата на Иво Андриќ, Клубот на литератите, пристаништето, тврдината Форте Маре… Новиот дел веќе е споен со Игало.





До главниот плоштад водат бројните скали. Се раскажува дека Петар Петрович – Његош го завршил образованието во Херцег Нови. Во негова чест основан е музеј. Мерак имале поетите. Тука живеел и Иво Андриќ, кој велел дека секоја скала има своја душа и романтика. Неговата куќа е позната како Клуб на поетите. Голем пропуст е да не се ѕирне во Музејот на Мирко Комненовиќ. Оттаму има широк и фантастичен поглед на шеталиштето, градено во 18 век во барок стил, опкружено со ботаничка градина. Пожелно е да се разгледа паркот Бока. Тој е оаза на мирот и природата, со поглед на Бокакоторскиот залив. Култно место во близина на паркот е и Градската кафеана со најубава тераса. Саат кулата на плоштадот “Никола Ѓурковиќ” е симбол. Датира од 1667 година. Ја кренал султанот Махмуд. Тука е главната градска врата. Во кулата е единствениот рејлеф, скулптура на Мајката Божја, наречена Црна Богородица, изработена од дрво. По скалите патѕот води на плоштадот Белависта со доминација на црквата на Св. Архангел Михаил. Платото е оригинален архитектонски проект со црква во византиски стил, градскиот архив, библиотеката, ликовната галерија. Блиску се црквите Св. Јероним и Св. Леополд и музичкото училиште. Над шеталиштето Даница се извишува сочуваната тврдина Форте Маре, изградена на стрмен предел над морето. Тоа е колевката на стариот град основан од босанскиот крал Твртко. Тврдината со годините го менувала изгледот. Од древноста е сочуван еден ѕид и високите скали на влезот на источниот бедем. Тврдината нуди величенствен поглед на заливот, на градското пристаниште. Лете се организираат филмски вечери… Канли кулата е изградена од Турците во 16 век. Во превод значи Крвава кула, бидејќи била одбранбена. Во лето се одржуваат театарски претстави и концерти. На највисокиот дел е тврдината Шпањола. Ја викаат Горни град. Преку нејзе се патува низ историјата, оти се забележуваат одбранбени предмети. Ја подигнал Сулејман, син на големиот емир Сулејман Хан. Покрај морето е шеталиштето Пет Даница, долго шест километри. Името го добило по пет млади девојки кои храбро се бореле и загинале во Втората светска војна. Задоволство е да се седне во некој од бројните ресторани и да се пие кафе или да се вкуси некој од бројните специјалитети покрај морето. Не би бил престојот комплетен ако не се види вилата на Тито, Галеб.
За време на фестивалот на мимозите, Херцег Нови се гледа во сета светлина и дење и ноќе, полн со ведрина и весела атмосфера. Лете привлекуваат плажите Росе, Мириште, Сината шпилја, островот Мамула…. Градот е атракција и за време на фестивалот Сунчане скале, за филмскиот и театарскиот фестивал.
Сместување има за секој џеб, повеќето апартманско, отколку хотелско, и, тоа со фантастичен поглед на морето.
Текст и фото
Каролина Мицевска