Старецот и волците
Ветерот, кој ги скина своите синџири некаде далеку, се завинти во тешкиот сив свод, се заниша напред-назад, лево-десно, избувна во смеење шармиран од таа слобода, потоа загалопира како ждребе весел, восхитен од животот, со гривата развеана и со широко отворените носници, фаќајќи порои од замрзнаттиот воздух. Завители широки завеси од пречисти снегулки, што грациозно сообраќаа меѓу небото и земјата, облечена во бела бунда. Кога пристигна во рамнината, како авиони пикира се побрзо надолу, скина ѕвезди омажени со студот, моќно ги издигна, но на извесна височина ги напушти и го продолжи патот сам.
Колку се убави животот и слободата! Еве еден долг венец од планини. Лансиран со целиот свој замав, ветерот се смачка на подножјето од белиот планински синџир и со писок се слизна по стрмнините накај врвовите кои, би се рекло, ги раскинуваа облаците закотвени тука, неподвижни, намуртени. Забавувајќи, дојде до небото натежнато од снег, и почна да слегува по другата страна, виејќи од задоволство.
“роклет северец! Лоши животни се овие волци!”, извикна во себе старецот, седнат на дрвено триножно столче со селски, па дури и груб стил, направено од невештата анонимна самоделска рака на некој бивш жител на селото од само половина дузина куќи. Со својата стара петкуршумна војничка пушка на дофат на раката, старецот после поминувањето на ветерот ги наостри ушите.
– Уште се тука – си рече со тивок глас. Ги “чувствуваше” како патролираат, демнат околу куќата или качени на нејзиниот покрив. На моменти, тивко жално писнување – исквичување сигнализираше дека некој помлад член од глутницата извршил прекршок против протоколот и против некој од постарите во волчјата хиерархија, та бил веднаш казнет со каснување и заплашен со покажување на јаки, остри песјаци и авторитетно ‘ржење. Или, пак, ненадејно се издигнуваше виење што крвта ќе му ја замрзнеше на било кој друг, освен на стариот човек кој, “стара коска”, одамна го научил говорот на волците. Без да ги гледа, во секој миг знаеше каде се најдуваат, што прават, какви се нивното држење и положба на телото.
“Можат да имаат такви добро изразни очи, што човек би им пуштил рака да ги погали, ама овде, во оваа пустина, во природава, тоа човека може да го чини откината рака со едно силно затворање на волчјатс вилица”, си зборуваше сам на себе човекот со пушката.
“Улави се од глад, а толку студи, што мразот пука и дрво и камен, а пилците на летање се покосени од ледената смрт. Што знаат градските жители за нашиов живот овде? За змиите кои на пролет се будат толку лути што и без да бидат нападнати касаат, а тогаш отровот им е најопасен заради долгиот зимски сон. Знаат ли за мечките што понекогаш може да ни фрлат камен тежок повеќе десетици кила? А што знаат за нашите жени кои се породуваат легнати на слама? Можат ли да ги играат нашите планински танци, ората наши тешки за кои треба да се имаат челични потколеници, железни мускули, бели дробови како ковачки мев, срце од кремен?”, продолжи да размислува, ама овој пат само во главата.
Пак зазборува гласно, монотоно како молитва:
“Границата на нашава земја не е само таму каде што се мисли дека е, каде нашите дедовци и прадедовци, нашите стари со оружје ја бранеле, таа граница е насекаде, минува и низ селцево и ние ја браниме и со пушка, ама и со срп, со мотика, со остен и ластегарка, со крв, со пот, со глад”.
Едно посилно офнување на болната жена му ги сврти мислите. Стана, запали на огништето цепенка борина и осветлувајќи си со тој пламен се доближи до постелата на која бладаше младата жена. Една од жените кои спиеја сстана и му шепна тивко да не ги разбуди другите:
“Можеби денеска ќе умре. Многу дни душата í се мачи да ја напушти”. Без збор, стариот човек го изгасна малото факелче од борово дрво што испушташе црн миризлив чад, додека жената одеше пак да легне. Се врати и седна на триножното столче.
Зашепоти:
“Што остана од селово наше? Шест куќи. И другите полека се уриваат, како многу други испустени села над кои тажат само утките и бувовите. Ниту еден пат асолен немаме да нé поврзи со градот. Мажите изумреа или отидоа на печалба по странски фабрики. Некои најдоа таму друга жена. Дали некој од нив ќе се врати овде? Не ми се верува. Останав сам со пет млади жени, дојдени зимава да живеат кај мене, оти им е страв во нивните куќи во овие пусти места каде крстосува дивината и ѕверовите. Сами сме со волциве и со ветриштата. Што можам јас, стар човек, да направам за овие млади жени?”…
(продолжува)