Со завршувањето на Првата светска војна немаше крај на маките на населението во Мариово. Војната остави жртви, пустош, беда, сиромаштија и огромен број на деца без родители. Да се ублажуви катастрофата, сојузничките војски нуделе различна помош на мариовските сираци. Една била да се испратат групи од по 100 деца на школување во Англија, кои по завршувањето на школувањето требало да се вратат.Така би се ублажила детската трагедија, а населението би добило наставници за образование на својата млада популација.
Кога Европа закрепнувала од војната, превозот на мариовските и мегленските деца до Англија бил ризичен потфат поради владеење на епидемијата на шпанска треска.
Англискиот војник Луис Каен бил дел од акцијата за пренесување на група мариовски сираци во Британија. Тој напишал дека во групата биле деца без родители од битолско, прилепско, кавадаречко Мариово, од Меглен, дури од Леринско, Пожарско и од Костурско. Тој забележал во својот дневник:

На крајот на јули 1919 година англиските власти побарале од Србите дозвола да преземат во Британија околу сто деца од Мариово, чии родители загинале во Војната. Српските власти во Солун знаеле дека некоја хуманитарна асоцијација од Англија со име Братство ќе преземе група деца сираци да патуваат во Англија на школување. Англиските власти се организирале преку хуманитарни организации за безбеден превоз преку море и копно до Британија.
Војникот Луис Каен пишува:
,,Се знаеше дека на децата ќе им биде подобро. Немаше тешкотии да се најдат деца, оти имаше не сто, туку неколку илјади сместени во прифатни центри во битолско и во грчките краишта. Само стотина имаа среќа да ги заборават страдањата и воените трауми поради загубата на мајките и татковците. Изборот беше неблагодарна работа, оти се одбиваа толку многу желби. Мегу децата имаше бегалци. Многу стасале сами до Солун. Најзагрозените беа во Мариово. Во соработка со српските власти, падна изборот на најголемиот дел кои треба да се качат на бродот и да пловат за Англија. Со камиони и запрежни коли, со малку храна од хуманитарни организации првин се упатуваа до Солун. Хуманитарен фонд обезбеди комплетна облека за секое дете, вклучувајќи едно ќебе. Американскиот Црвен крст даде чифт нови чизми и торба. Британскиот Црвен крст даде перниче и торба и 50 килограми бисквити за храна за патувањето. Децата ги наполнија своите шишиња со вода за на пат. Им се направи заеднички пасош. На пеколни горештини заминаа за Солун. Попатно беа следени од толпа деца низ селата. Чудо е што не се загуби ниедно за време на патувањето и застанувањата за полнење вода. Сите деца ја имаа вечерата со нив, а преку денот имаа чај и бисквити. Некои помали беа преморени. Не можеа да јадат. Само спиеја во камионите. Ноќта бавно минуваше. Утрината по два дена стасавме во Солун каде беше обезбеден престој со храна во некој британски камп. Ако сé беше добро, требаше следниот ден рано да се качеме на бродот. За жал, се најде проблем во документите. Останавме 8 дена со наредба дури и да убиеме некој, ако се оддалечи од кампот или ако некој се обиде да им наштети на децата. Имаше и лекар во базата. Тој ги прегледа сите пред тргнувањето на патот за Англија долг пет илјади километри. Четири часа траеше патувањето од базата до пристаништето. Далеку сме биле сместени. Веќе беше закотвен стар параброд на пристаништето. Но, бродот не тргна, оти бил заразен со болест. Се чекаше да се испрска со некое дезинфекционо средство пред да се качат патниците. Се вртевме на пристаништето со групата со малку храна и вода. Бавниот брод требаше да не одведи во Италија. По три дена станавме дел од конвој со заднина на италијански разорувач. Децата немаа патувано по море. Повраќаа и им се лошеше, поради нишањето на бродот од морските бранови. По четири дена стигнавме јужна Италија. Половината од децата беа болни од патувањето. И јас се поболив, но откако закрепнавме во логор, продолживме со воз кој требаше да нé однесе до јужниот дел на Франција. Децата се сместија и се подготвија за долгото патување. Организациите обезбедија храна како за војници. Секој ден имавме леб, сирење, говедско месо и џем. И чај. Возот беше покомотен во споредба со бродот. При првото подолго запирање на Јадранот, на поголем дел од групата им дадов виза да се искапат во морето. Женскиот дел од групата беше со српската колешка која беше нивен водач. И таа им дозволи да скокаат во плиткото море. Останатата придружба беше љубезна. Ги посетуваше децата дватрипати дневно. Иако патувањето беше долго, децата уживаа. Во Кан се радуваа уште на едно капење. Таму се збогувавме со морето. Во француското пристаниште чекавме три дена, оти имаше болни деца. Три деца, две момчиња и една девојка, беа премногу болни и моравме да ги оставиме во британската болница. За среќа, по две недели и тие пристигнаа безбедно. Во текот на целото патување децата имаа најголема љубезност од сите што имале врска со нив. Полицијата во разните логори за одмор беше изненадена од доброто однесување и од маките што ги следеле и страдањата што ги минале. По четири недели заврши патувањето. Преку Франција и Каналот, стигнавме до Лондон. Воените власти на Саутемптон подготвија топол оброк за децата. Организациите ги пренесоа во домовите за престој и понатаму за следење на настава,,.
Ова се дел од белешките на англискиот војник Луис Каен, кој бил задолжен мариовските сираци безбедно да ги донеси до англискиот брег по долго и мачно патување по копно и море. На крајот напишал дека децата биле остроумни. Бил убеден дека брзо ќе напредуваат во образованието. Сметал дека “наоружани” со знаења ќе се вратат во својата Татковина да им помогнат полесно да живеат нивните врсници и претци и да им го осветлат патот на нивните потомци.