Пуштена е делницата Градско – Дреново
На Василица беше пуштена делницата Градско – Дреново, дел од експресниот пат Градско – Фариш односно од Коридорот 10Д.
– Ова не е политичка градба, нема никој од политичарите да ја стави во џеб и да си ја носи дома. Граѓаните ќе го користат сето ова. Да им се заблагодарам и на опозициските сега партии кои додека беа власт, во рок од 7 години не успеаја да ја завршат, па мораше оваа Влада да ја заврши. Нека е аирлија и со среќа да ја користат граѓаните – рече премиерот Мицскоски.

Тој истакна дека продолжуваат понатаму.
– Договорени сме со ЈП за државни патишта да продолжи проектирањето на делот до Прилеп преку Плетвар. Оној дел што треба да се прошири, да се надгради. Со не смалена динамика, продолжува, не започнува, таа е започната, но продолжува изградбата на автопатот од Прилеп – Битола. Очекуваме и таа отсечка автопатска да биде час поскоро завршена – рече Мицкоски.
На настанот присуствуваа амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, заменик претседател на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заменик претседател на Владата, Љупчо Димовски, директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, пратеници, градоначалници, заменици министри и членови на Владата и граѓани.
ОД НАШИ И ЕВРОПСКИ ПАРИ
Делницата Градско – Дреново е во должина од 15,5 километри плус 1 километар од делницата Фариш – Дреново, или вкупно 16,5 километри од експресниот пат. Вредноста е 37.3 милиони евра, од кои 26.7 милиони евра се преку ИПА фондовите и 10,6 милиони евра од буџетот. Делот што се пушти содржи 3 клучки Градско, Росоман, Дреново, 4 вијадукти, 1 мост, 4 надпатници и 3 подпатници.
МИЛЕ ТАЛЕВСКИ: ПАТОТ Е ДЕЛО НА СДСМ
Пратеникот Миле Талевски вели дека експресниот пат Градско – Дреново над 92 отсто е реализиран од СДСМ и горди се што е завршен. Експресниот пат е од огромно значење за граѓаните од прилепско – пелагонискиот регион.
– Актуелната власт постави 50 метри асфалт и го пушта во употреба. Се китат со туѓи перја, но важно е што граѓаните конечно добиваат целосно функционален експресен пат. Очекуваме наскоро завршување на делницата од Дреново до Фариш, која е веќе над 80 отсто реализирана со домаќинското и одговорно работење на Владата на СДСМ. Беа пробиени и двата тунели на оваа делница и зошто власта сега доцни е прашање – рече пратеникот Талевски.
Според него, СДСМ целосно ја обнови патната делница кај Плетвар, патот од Прилеп кон езерото, а ја започнале реализацијата на стратешкиот проект за автопат Прилеп-Битола како дел од Коридорот 10 д, прв автопат во регионот.