Во ЦК “Марко Цепенков” во 2025 година
ЦК “Марко Цепенков” ја почна годинава со промоцијата на книгата “Современи театарски осврти” на Звонко Димоски. Делото е иницијална збирка аналитички размисли, со кои авторот ги манифестира неколкугодишните гледачки искуства на театарски претстави низ македонските театри. Вклучени се осврти за претстави од театарот “Војдан Чернодрински”. Модератор беше Оливера Андоноска, а промотор Габриела Стојаноска Станоеска.
– Ова е зачеток на нов проект со кој цела година ќе претставиме сé што е значајно во литературата. Следната недела е промоцијата на книгата “Дијалози” од Коста Бојчески. Станува збор за соголување на дијалошката форма преку деперсонализација на дијалогот. Промотори се Александар Еленин и Виктор Јованоски – велат од ЦК “Марко Цепенков”.
Годинава се планирани бројни концерти, изложби, најмалку три премиери во театарот и многу повеќе претстави на репертоарот. До крајот на месецов ќе се знае што ќе поддржи Министерството за култура и туризам. Се очекуваат согласности за работни места, испразнети поради пензионирање, а се потребни за нормално функционирање на институцијата.
Центарот планира инвестиции за подобрување на условите не само за вработените, туку и за публиката. Се очекува поддршката од општествено одговорните компании за да се подигне културата и уметноста на повисоко ниво.