ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСЕН ГРАВ

Почесто во медиумите читаме за енергетска или зелена транзиција, за климатските промени, за обновливите извори на енергија, за енергетска ефикасност како најважен извор на енергија, и особено во грејниот период за загадениот воздух во урбаните средини.. Сето тоа може да се сведе на енергија на иднината.

И на Фејсбук се истите теми. Иако ФБ кај нас стана социјална мрежа за купопродажби и за решавање или истакнување на нечии лични маки и радости. Така наидов на производител од битолско кој нуди грав што брзо се вари. Да ме прашаше мене, ќе му препорачав да напише дека нуди енергетски ефикасен грав. Ако брзо се вари, троши помалку енергија од обичниот  грав кој побавно се вари. Затоа е енергетски ефикасен. Тоа ќе им послужеше и на други понудувачи своите производи, покрај другото, да ги оквалификуваат како енергетски ефикасни. И ќе се продаваа како алва. Ние сме земја премногу зависна од увоз на енергија, и за индустријата, и за транспортот и за затоплувањето… Секаде каде не се може без енергија.

Од моментот кога, според легендата, Прометеј им го украл огнот на боговите, заслужувајќи и проклетство и благослов истовремено, животот на човекот ја претрпил можеби најголемата промена во развојот. Според научниците, тоа се случило пред 300 илјади години. Човекот почнал да го користи дрвото за секакви потреби, како кај нас за затоплување до денешни денови. Но, продолжил да користи и други горива, јаглен, нафта, природен гас, одејќи кон горива со повисок удел на водородот, и секако нуклеарна енергија. И можеби лесно ќе ги напуштевме тие фосилни горива со јаглерод  да не беше оној одиум од Чернобил и Фукушима.

Прифаќајќи го брзиот раст од индустриска револуција, преку автоматизација, дигитализација, до новата вештачка интелигенција, човекот трошел се поголеми количества на фосилни горива, кои при согорувањето ослободуваат јаглерод диоксид. Доцна станал свесен дека јаглеродниот диоксид, заедно со другите гасови при согорувањето и испарувањата во технолошките процеси, при затоплувањето и транспортот, го предизвикува  глобалното затоплување, односно  климатските промени.

Како јаглерод диоксидот, заедно со другите гасови од согорувањето и технолошките процеси се  азотен оксид, сулфурен оксид, метан, фреони, со заедничко име еквивалентен јаглерод диоксид, ја променуваат климата на нашата планета?

Во атмосферата секогаш постоела одредена, константна количина на јаглерод диоксид кој всушност ја спречувал целокупната дозрачена енергија од краткобрановото сончево зрачење да се одбие надвор од земјата, туку еден нејзин дел да остане во приземната атмосфера, овозможувајќи ги благопријатните климатски услови за опстанок на овој биодиверзитет. Но, човекот создавал нови производи и нудел нови услуги, нужни, ама и наметнати од капиталистичкиот систем, со безмилосно користење на фосилните горива. Дури при крајот на минатиот век се освестил за штетноста од наглото зголемување на т.н. еквивалентен јаглероден диоксид во атмосферата, кој станува сé понепропуслив слој за долгобрановата одбиена топлина од Земјата, што создава ефект на стаклена градина. Затоа овие гасови се нарекуваат стакленички гасови. И последниве 150 години ја зголемуваат глобалната температура во приземниот слој за 1,5 степен Цезиусов.

Што правиме сега? Собири и протоколи од Кјото, од Париз, од Дубаи, Баку… Ете Европејаните решија до 2050 година сосема да се напушти користењето на фосилните горива, па и на природниот гас, со “нулта емисија” на стакленички гасови. Значи премин на т.н. зелена енергија, односно користење само обновливи извори на енергија, паралелно со висок степен на енергетска ефикасност на зградите за живеење, на електричните возила, индустриските процеси и сл.

Како е во другиот дел на светот? Додека веќе 4 земји членки на ЕУ го напуштија јагленот (прва беше Велика Британија, која прва почна да го користи во големи количини со парната машина од Њукомен, потполно усовршена од Џејмс Ват, па сега е јасно, од каде оние киловатчасови во сметките од ЕВН), дотогаш Индија и некои други земји уште градат нови термоелектрични централи на јаглен. Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, иако жестоко ја критикуваме, индиректно мораме да преминуваме таа зелена енергетска транзиција, (која сега, по собирот во Баку се нарекува “енергетски соживот”), принудувани од ЕУ со високи финансиски донации и кредити.

Без разлика на таквите промени, ние веќе сериозно работиме на напуштање на јагленот (и така сé помалку го имаме, а и термоцентралите ни се при крај на функционирање) и што повеќе да користиме обновливи извори на енергија. Од нив, на прво место е водата. Скоро сите големи хидроцентрали се градени за време на “големата држава”, а како самостојни, еве веќе 34 години и кој знае уште колку, не можеме да го изградиме барем Чебрен. Затоа го имаме сонцето како најстар и неисцрпен, чист и бесплатен извор на енергија. Плус таа енергија, не е подложна на инфлација, со нејзина примена не се создаваат оние стакленички гасови (освен се разбира при ископувањето на материјалите за изработка на фотонапонските панели, но тие се покриваат само со нивно користење за една до четири години). Главен  недостаток на побрзо и пошироко користење на соларната енергија претставува високото почетно вложување, но дури и кај приватните згради за живеење примената на фотонапонски панели (како по инерција нашите медиуми и овде користат буквален превод од англискиот израз Фотоволтаци – ПВ, па и кај нив се фото-волтаични) се исплатуваат за 6-10 години, а потоа сопственикот добива бесплатна електрична енергија. Тука има уште еден проблем. Сонцето го имаме најмногу во лето, кога најмалку ни е потребна енергија, а најмалку во зима, кога најмногу ни е потребна. Министерката за енергетика во порталот ФАКТОР во колумна напиша:  “…во подготовка е инвестициски план за развој на батериски системи и пумпно-акумулациони хидроцентрали, кои ќе обезбедат стабилност на мрежата и оптимизација на обновливите извори”. А кога зборуваме за складирање на електричната енергија создадена од фотонапонските централи или од систем на панели, станува збор за батерии кои ја складираат електричната енергија најчесто од 4 до 8 часови, што е доволно да се покрива нерамномерната потрошувачка на енергијата во едно деноноќие. А за сезонско складирање на енергијата добиена од сонцето или ветерот потребни се пумпно-акумулациони хидроелектрични централи.

Дали сонцето и ветерот можат да ги заменат фосилните горива? Одговорот може да го најдеме во извештајот на Регулаторната комисија за енегретика за 2023 година (оној за лани ќе го има во мај), во кој е наведено дека во Македонија до крајот на 2023а година е инсталиран вкупно капацитет од фотонапонски централи и помали соларни објекти од 506 МВ (мегавати), што е близу 20 отсто од вкупниот инсталиран капацитет за производство на струја. Но, тој капацитет во текот на таа година произвел вкупно 298 ГВЧ (гигаватчасови) електрична енергија, што е само 5,5 проценти од вкупната произведена електрична енергија во државава (се разбира голем дел од тој капацитет произведувал струја не во целата 2023 г. Сепак соодносот меѓу инсталираниот капацитет и произведената електрична енергија од сонцето и во 2024 година нема многу да се подобри). Тоа покажува дека базичен извор за електрична енергија во иднина мора да биде природниот гас, особено со нашето приклучување кон гасоводот со Грција. А користењето на гасот е најефикасно со изградба на оние т.н. когенеративни термоелектрани-топлани, кои произведуваат и електрична и топлинска енергија. Ама нивната градба, според премиерот ќе потрае 8 години. а за цената на така добиената струја не прашувајте. А дотогаш мораме да користиме увозен јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј и да се соочиме со несигурноста во сопственото производство на електрична енергија. Мораме да ја имаме мудроста на несигурноста, што би рекол големиот британски филозоф Алан Вотс.

Миле Грданоски

Loading