Даниел Мелвил – Македонска рапсодија 62

– Алге, те колнам, оди си, остави ме сам! Зошто да загинеме двајцата? Ти ме спаси на овој проклет брод, сега мене ми е редот тебе да те спасам.

– Не, не сакам да те оставам да умреш сам. Ако успееш да ме истераш во една од лоткине, веднаш ќе се самоубијам. Без тебе животот нема никаква вредност.

Нераб воздивна, се истави и í помогна да седне. Резигнирано изговори:

– Не знам со што заслужив толку голема љубов, Алга! Кога толку тоа го сакаш, ќе умреме заедно. Да почекаме уште малку. Оние со ласерите уште на је дупнаа преградата. Имаме неколку минути живот во оваа димензија на постоење. Да ги минеме прегрнати.

Ја спушти раката околу рамениците од девојката, ја привлече до себе и чекаа без зборување, оти се беше речено. Немаше што да се додаде.

Приближувајќи се кон цивилниот космодром во главниот град на Републиката со нивната лотка за спасување, Александар со раката преку рамениците од Сирма велеше: “Се надевам дека не отвориле оган, инаку лотките што ги испративме се уништени, вистинска касапница! “.

Штом се приземјиа и излегоа од нивниот “чун”, со радост видоа дека многу други лотки како нивната беа приземјени на гумната предвидени за таа цел. Подоцна дознаа дека Претседателката на Македонија не дала дозвола за оган, бидејќи од добиените информации се осознало дека летачките се веројатно исфрлени од гаринскиот космоброд за евакуација на киднапираните Македонци. Веројатно, но не апсолутно сигурно. Ама Претседателката решила да ризикува. Сепак, лотките биле дочекани од силни одделенија од војската спремни да отворат оган на космодромот.

– Многу ми е мака за нашите двајца пријатели, Алга и Нераб, и рече генералот на полковничката.

– И мене ми е мака, ама што да правиме. Некој требаше да ја сврши работата.

Двајцата стоеа на космодромот и, како сите други, гледаа кон ноќното небо каде некаде, многу далеку во космосот, се појави силна светлина, се рашири и постепено исчезна. Непријателскиот космички брод беше уништен. “Огнометот” траеше неколку долги секунди. Но, што е ова? Една лотка за спасување, која, како и другите можеше да собере стотина луѓе, се спушти на космодромот. Вратата се отвори. Три силуети излегоа. Александар и Сирма побрзаа кон нив, бидејќи лотката беше обележена со знакот од “покојниот” гарински вселенски кораб. Можно ли е ова?! Алга и Нераб чекореа дежејќи се за рацете и со нив одеше некој непознат човек. Насмеани, двете двојки ги стегнаа рацете како стари мили пријатели. Потоа Нераб се сврти кон третото лице:

– Ви го претставувам Курт. Не се сеќавам на презимето. Американски Германец, војник на вселенскиот брод од Гаринија. И тој некако се спасил од претворање во зомби. Ќе раскаже подробно како, ама сега немаме време. Бил киднапиран како и јас, овде во Македонија, каде дошол на посета кај пријатели. Заедно сме минале повеќе години на бродот и не сме дознале едниот за другиот дека глумиме божем мозокот ни е трансформиран, делумно уништен!

– Ама како ја активиравте експлозијата и успеавте да се спасите?!, праша војводата.

– Како? Многу лесно, се насмеа Нераб, Курт не спаси. Дојде до нас преку една цефка за вентилација што не фигурирала во плановите од космобродот со кои располагаа војниците-роботи. Имајќи иста идеја како и ние, со себе донесе апарат за активирање на експлозијата. Го програмира апаратот, го поврза со жиците, и… се катапултиравме качени во претпоследната лотка за спасување!

 (продолжува)

Loading