,,Најголемо божикно и новогодишно задоволство во младоста биле к’нките, лизгалките пред седум, осум децении. Со врелината на огнот и воздухот на мевот, аловото железо се претворало во челик и со стотици удари на тешкиот чекан се оформувале лизгалки. Мајсторите главно ги ковале да ги развеселат и да им подарат нешто на своите деца. “Борбата” со металот била макотрпна. Многу кревања на рачката на мевот требало да се вцрви железото, уште повеќе удари да се извајаат к’нките и уште повеќе пот во лицето, да се измами насмевка кај децата. Се уживало во “производството”. Задоволството кулминирало кога ќе се стават на нозете и децата ќе се спуштат од ридот надолу или на други надолнини, особено кај Паркот на револуцијата.
За возрасните во деветтата деценија, ова е мило сеќавање на предновогодишната атмосфера од детството и младоста.
Поранешен ковач кажува дека токмакот му бил како пердув додека го “скротувал” црвеното железо со удари. Металот се калел и попуштал пред силата и воздухот со оган. Се оформувало железото до бастунче.
– Малкумина беа среќници да добијат некои лижалче, за Нова Година и Божик, како подарок. Речиси сите фамилии живееа скромно, сиромашно со многу деца. Од каде пари. Храната беше броена. Пари колку за леб. Немаше ниту понуда кај занаетчиите. Никој не се фалеше со некаков подарок. Скокаа од ќеф само децата на ковачите, и тоа не на сите, оти татко им, им “создал” реквизит за лизгање на мразот кој тоа време го пукаше каменот. Се радувавме за Божик кога мајка ми ќе направеше слатки, гурабии или паниспање. Прстите ги лижевме од матканото, малку засладено јајце. Се скокаше од радост, ако некому му се купат чевли – вели постариот сограѓанин.
Најголемата радост од малите години му останале металните лизгалки, направени од чичко му кој немал деца. Ги памти како вчера да било, иако минале 80 години. И по толку време, сега душата му трепери.
– Бев привилегиран, во споредба со другите, оти чичко ми беше ковач. Подгледнував како дете како функционира мевот да го жари јагленот, а тој железото. Само што гледав, ми беше мачно. Иако имав можност да бидам чирак, па калфа, за кусо време, сепак не го презедов занаетот – вели стариот соговорник.
Размислувал како да добие некоја “играчка”. Чичко му толку многу го сакал, како свое дете, една година му направил метална мала санка за да се спушта со седење од ридот, додека сите други се лизгале со јагнешки кожи полнети со сено.
– Изненадување беше, оти не знаев. Брза како стрела, леташе надолу низ студот што го црвенееше лицето иако беше тешка за качување. Секое спуштање, уште посилно доживување. Тоа е жарот на детството и младоста. Сила од нагорнината. Бев прв при спуштањето од Ридот. Победник. Трумфирав, оти мазното железо на санката или на к’нките има природна предност пред дрвените или јагнешките санки. Сите деца ми се вртеа и ми завидуваа. Курназев – раскажува нашиот соговорник од деветата деценија.
Незаборовано задоволството во виорот на јануарскиот север во лицето. А главна зимска новогодишна атракција било собирањето околу коледарскиот оган, неколку дена по Нова Година и ден пред Божик. Покрај пламенот, се печеле по некој костен и се чекало утрото да се тропа со коледачките по портите кај роднините и комшиите со песна.
ВЛЕЧКИ ЗА АДРЕНАЛИН
Снаодливоста помагала. Наместо со к’нки се снајдувало со други реквизите само да уживаат на снежната убавина. Некои правеле скии од штици. Се труделе за без пари да направат задоволство. Имало и дрвени к’нки, од стари налани врзани со жици, арматуре и одоздола со ремче, ортома. Некои се лизгале на влечките позајмени од највозрасниот член на семејството. Импровизираните скиички го кревале адреналинот со кој децата му се спротивставувале на студот и мразот.