Новогодишниот декор од Запад се “довлечка” и кај нас. Накитени дрвца околу плоштадот. В центар елка со шаренолики светилки и лампиони. Снешковци, елки, Дедо мразовци, кочија, украсените излози… Музика, волшебен амбиент.
Граѓаните ги плакнат очите од шаренилото од светилки на преодот од Старата и Новата Година. Ќе се слави масовно на плоштадот како секаде во светот. Некои ресторани организираат дочек во новогодишната ноќ. Останатите се под клуч, иако многу сограѓани би сакале да се напијат по една чашка во некој од објектите кога ќе се состават стрелките на часовникот на полноќ. Или како порано, кога локалните власти честеа по некоја чаша варено вино или топла ракија за загравање на новогодишната атмосфера.
Нова Година се славела во домашен амбиент, со елка, со Дедо мраз и по некое подароче на децата од родителите. Се славело по претпријатијата. И сега се организираат предновогошни забави на работниците, ама во рестораните. Пред половина век, сето тоа било во трудбенички аранжман во работничките мензи, со по некој денар за јадење, пиење, понекаде и за свирка. Малкуте “побогати” биле гости во неколкуте сиромашно украсени ресторани и скромно мени.
Дома се декорираше новогодишен амбиент. Се гаснеле ламбите со балончиња. Се украсувал лимонот со бонбончиња со сребрен стениол, со оревчиња завиткани во “злато”, растегливи ленти и некое памуче како снегулки..
-Купивме посно и боза. Го изедовме кога се стемни. Не чекавме 12 часот. Вечерта дотерани излеговме и “наѕиравме” по кафеаните да видеме како се слави Нова година. Татко ми работеше во Мичурин и славеа во летната кафеана – Бучински ан. Таму беше најубавата жива музика. Имаше само една карта. Со неа влеговме и седевме до два часот. Бев многу радосни – се присетува сограѓанката Марија.
Се славел и Божик. Се постело и се чекале гости. По селата се делеле шеќерчиња, костенчиња, оревчиња, јаболка и друго овошје. И денес е останата традицијата да се пости и да се посетуваат роднините и пријателите за денот на Христовото рождество. После доаѓа Василица кога зетовите оделе на колбаси кај бабите, и се врти мазник со паричка. Комарџиите фрлале зарови и играле карти. Кој ќе ја има и добие вечерта, ќе има среќа цела година.
МАГИЈАТА ОД УКРАСИ
Декорирањето на новогодишната елка е традиција која се негува до денес, а кое ја надополнува празничната магија. Сите се радуваат на китењето на елката.
И годинава градските власти ја поставија неколку метарската новогодишна елка на градскиот плоштад. Поради големината, при местењето беше користена дигалка.
Годинава градот е посебно украсен. Блеска. Централното градско подрачје го красат стотици свелтечки креации.
НОВОГОДИШЕН БАЗАР И МУЗИЧКА ПРОГРАМА
Општина Прилеп и оваа година организира Новогодишен базар на Платото кај Градскиот Саат. Во убаво расположение со добра музика, вкусна храна, греано вино, прилепчани ќе уживаат три дена.
На 28, 29 и 30 декември, од 10 -15 часот, на Новогодишниот базар, ќе има различни музички, забавни, гастрономски и други содржини и изненадувања за сите генерации.
Организацијата на овој настан е во соработка со здружението Слоу Фуд Прилеп, чии членови ќе им подготват на прилепчани многу разновидни производи, направени од вредните раце на малите, локални производители.
Базарот ќе биде проткаен со забавна програма презентирана од локалните уметници и интерпретатори.
Програма:
Сабота – 28.12.24г
11.00ч – 12.00ч Oldschool Selector- Christmas selector
12.00ч – 13.30ч Оркестар РОМАНСА – староградска музика
13.30ч – 14.30ч Забава за деца со кловнот ЈОЈО
14.30ч – 15.30ч Oldschool Selector – Чалгија во стара чаршија
Недела – 29.12.24г
11.00ч – 12.00ч Забава за деца со пиратот Капетан Морган
12.00ч – 13.00ч Пијан Славеј – електро акустично дуо
13.00ч – 15.00ч ДЈ Chatle – Македонски антологиски времеплов
Понеделник – 30.12.24г
11.00ч – 12.00ч Oldschool Selector – Чалгија во стара чаршија
12.00ч – 13.00ч Забава за деца со Дедо Мраз
13.00ч – 14.30ч Lockdown -концерт
14.30ч – 15.30ч Oldschool Selector – староградска музика