– Никако не смееме да ги пуштиме да се доближат!, í велеше Алга, викајќи на Сирма, додека и двете непрекинато исфрлаа рафали со митралезите. Викна и Нераб на војводата, кој само потврдно ја заниша главата.
Еден од групата киднапирани дотрча, како што се договорија и им соопшти дека уште само неговата десетина останува за катапултирање.
Ходникот изгледаше халуцинантно и пеколно со пожар, трупови, пукотници… Генералот и Нераб исфрлија уште по еден долг рафал, и користејќи го времето што им беше потребно на војниците да го расчистат теренот за да дојдат до нив, со трчање, со оружјето во рацете, дојдоа во салата за евакуација, каде веќе се најдуваа Алга и Сирма. Војводата испушти воздишка на олеснување кога ја виде жива и здрава својата сакана. На десетината киднапирани што стоеа, не знаејќи што да прават им викна:
– Качувајте се и бегајте. Ние ќе бидемепоследни!.
Со помош на двете млади жени и на Нераб, ја затвори големата железна врата од салата со чунови за спасување, и почнаа да ја барикадираат со различни предмети. Кога ја свршија таа работа, се сврте кон Алга:
– Добро, а сега програмирајте го времето на експлозијата на овој проклет вселенокораб и да си бегаме.
– Не можам, го загубив апаратот што ми е неопходен за таа работа, одговори девојката.
– Како?! Па овие сега ќе ја уништат Земјата, а можеби и целиот наш сончев систем! Ако вам ви е тешко да ги уништите вашите сонародници на бродов, тогаш со таа работа ќе се натовари некој друг од нас, само кажете ни која е оперативната метода.
– Не, не ми е тешко, оти знам дека се злосторниц без милост. Тоа дотолку ми е полесно, што не сум родена Гаринка, туку како младо девојче бев киднапирана на една странска планета слична на Земја. Ме спаси некое чудо од третирањето на мојот мозок, што ќе ме трансформираше во… во зомби, како вие што велите. Без мојот апарат, има само еден начин. Некој од нас лично да ја активира експлозијата, што значи дека и тој ќе загине. Јас немам повеќе ниту татковина, ниту родители, ни роднини. Овде ќе останам и кога доволно ќе се оддалечите, ќе ја активирам експлозијата.
Се јави Нераб:
– Не, јас ќе ја активирам експлозијата.
Војводата ја прекина дискусијата.
– Нема време за чекање. Гледајте, со ласери почнаа да го дупат ѕидот. Ако влезат овде, ништо нема да успееме. Ќе влечеме жрепка, кусо-долго, како што велиме кај нас.
Со своето џебно ноже Александар пресече на четири едно парче жица, секој дел со различна должина, ги кладе во раката на Алга и рече:
– Влечете.
Последен извлече и ја споредија должината на парчињата жица. Честа да го активира системот за експлозија му се падна на Нераб.
– Не!, викна очајно Алга.
– Нема не, Алга, качувај се во леталото, и одете си.
– Добро, одговори Алга.
Четворицата се прегрнаа на проштавање и Сирма, Александар и Алга се упатија кон спасувачката лотка спремна за катапултирање. Кога полковничката и генералот влегоа, со надворешниот механизам Алга ја затвори вратата и ги катапултира. Лотката послушно влезе во безвоздушниот простор, вратата од просторијата се затвори, надворешната врата се отвори и лотката летна во просторот.
Не чекајќи, Алга се стрча кон изненадениот Нераб и со тупаница го кутна на подот. Нераб почна да се брани. Се тепаа некое време. Нераб, кој не сакаше да ја употреби сета своја сила против девојката која искрено ја сакаше, само се бранеше, чекајќи добар момент да í го направи она што се досети дека таа сакаше со него да го стори: да ја онесвести, да ја натовари во едната од двете спасувачки лотки што уште остануваа во огромната сала, да ја исфрли во просторот и потоа, да ја предизвика експлозијата на вселенокоработ, спојувајќи ги рачно двете разголени жици веќе спремни за таа цел. Ја кутна девојката на грбот, легна на неа со целата своја тежина за да и го имобилизира телото. Наведнат над нејзиното лице со своето лице од чиј нос капеше крв од Алга, се загледа во нејзините повеќе виолетови отколку црвени ириси и почна да ја моли:
(продолжува)