Манастирот Свети Никола – Прилепец
Оддалеку изгледа како далечен пејсаж, посебна природна атракција. Закрилен во удобна мешавина од атракции и локален шарм. Манастирот Свети Никола доминира над селото Прилепец на десетина километри од градот. Привлечност, милина, смиреност и убавина. Светонеделската чешмичка со лековита вода потсетува дека се “живеело здраво”.
Манастирот остана духовен центар, иако порано бил лекувалиште на деца заболени од астма и други болести на дишните органи. Затоа е и погодно место за здравствен туризам.
-Доктори го препорачуваа за лекување од туберколоза, астма, срцеви заболувања. Болните, кои видоа аир, купија и насадија родни дрвја над во недопрената природа – кажува еден постар жител на Прилепец.
Конакот е обновен со 16 чисти и уредени соби со кревети.
– Дотерани се просториите. Поставена е нова електрична инсталација. Има вода. Варосано. Обновена е и трпезаријата со кујната. Даруваат луѓето – кажуваат неколкуте селани.
Домаќински се одржува да им се фати окото на посетителите, да прекажуваат, да сликаат и да ги пренесуваат пријатните доживувања во духовниот комплекс во чиј центар е црквата Свети Никола.
Божјиот дар е изграден 1872 година. Го носи името на светецот Никола. Во предвоена Југославија живееле постојано монаси.
Манастирот станал срце на еснафот на дограмаџиите и самарџиите. Вложувале за одржување и за надградување. Секој еснаф изградил посебна соба за симбол на занаетот и се пренесувала како завештание на потомците и на новите мајстори. Покрај летната слава Свети Никола, манастирот го слави на 2 јуни Свети Талалеј.
Манастирот бил партизанско засолниште. Одредите денски напаѓале и биеле жестоки битки со окупаторските сили, а ноќе се повлекувале и се сокривале таинствено во конаците да се одморат без никој да не ги забележи.
Во близина е споменикот на деветмина загинати од 12 борци, кои се бореле против бугарските окупатори во 1942 година.
Легенда за Коњаник
На врвот Коњаник над Прилепец имало кладенец, езеро, за кое има легенда дека селаните ја запирале водата, затворајќи го езерото со волна. Некој овчар изрезбарил стап и го пуштил во кладенецот. Стапот бил пронајден во Егејското море, се вели во преданието пренесувано од колено на колено.