САРМА И ГРАВЧЕ, НА ПРИЛЕПСКИ НАЧИН, ЗА ПОДОЛГ СОЈ

В година 20-та манифестација Свети Никола

Две децении прилепчани посветено ја чуваат и негуваат традицијата верскиот празник Свети Никола да го одбележуваат масовно, организирано под отворено небо со традиционалната посна трпеза со задолжителното гравче и сармички со три зрна ориз, големи колку нокт. Со околу 80 илјади сарми Прилеп влезе во Гинисовата книга на рекорди во 2008 година. Го празнуваат и почитуваат денот кој се смета за патрон на градот, а кој е прогласен за заштитник од советниците на општината во 2006 година. Секоја година домаќини на градската слава се општетсвено одговорни компании или градските власти. Така беше и годинава, кога домаќин беше локалната самоуправа предводена од градоначалникот Борче Јовчески. В година пак, кога манифестацијата ќе се организира по 20- ти пат, домаќини ќе бидат сопствениците на фирмите Матадор и Бимфуд.

Свети Никола е заштитник светец и патрон празник, бидејќи е најголема слава односно секое второ семејство слави, а другите одат на гости, едноставно целиот град празнува. Во негова чест се изгради и параклисот во центарот. Општината секоја година е покровител на настанатот, а годинава и домаќин на чело со градоначалникот Борче Јовчески. Празникот е симбол на љубовта, заедништво и добрината.

– Симбол е на хуманост, добротворност и грижа за немоќните и сиромашните. Неговото дело е патоказ и инспирација како да ја градиме нашата заедница врз основа на добрината, разбирањето и солидарноста. Годинава, локалната самоуправа ја имаше честа да биде домаќин на градската слава. Со голема посветеност, се потрудивме да го одбележиме празникот достојно, во духот на нашите вредности и традиции. Веруваме дека оваа заедничка радост, оваа поврзаност меѓу институциите и граѓаните, е темелот на силен и успешен Прилеп – изјави градоначалникот Борче Јовчески.

На сите прилепчани им посака здравје, успех и бериќет, потсетувајќи дека традицијата е нашиот идентитет.

– Прилеп бил и ќе остане град што ја негува верата, историјата и културата. Нашата должност е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации. Локалната самоуправа ќе продолжи со вложувања во развојот на културата, духовноста и локалните традиции, со цел Прилеп да остане горда и препознатлива дестинација за секој добронамерен гостин – рече Јовчески.

Традиционално на 19 декември во црквата Св. Благовештение се служи литургија, литија и прережување на празничниот колач кај параклисот во центарот, а одбележувањето завршува со заедничка посна трпеза за сите граѓани, проследено со  културно – уметничка програма.

Свети Никола е заштитникот на сиромасите, болните, децата, морепловците… Бдее и го штити градот и граѓаните!

В година домаќини

МАТАДОР И БИМФУД

Идната година, домаќини на градската слава „Св. Никола” ќе бидат реномираните прилепски компании Матадор и Бимфуд. Нивната посветеност во градот, трудот и вложувањата се пример за тоа како приватниот сектор и заедницата можат заеднички да напредуваат и да го зачувуваат духот на нашата традиција.

ЧЕСТВУВАЊЕ ВО ЖАБИНО МААЛО

Традиционално ден порано, празникот Свети Никола се празнува кај параклисот во населбата Жабино маало. Жителите од тој дел од градот секоја година покажуваат сплотеност и тоа празнувањето го прави посебно и уште поубаво.

Loading