Прослава на партнертвото на Тутунскиот комбинат и Филип Морис

Десет години успешна стратешка соработка меѓу Филип Морис Интернешнал (ФМИ) и Тутунскиот Комбинат Прилеп (ТКП) се одбележаа на настанот на кој, меѓу другите, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, Регионалниот потпретседател за кластерот Југоисточна Европа во Филип Морис Интернешнал, Костас Салварас и Генералниот директор на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП), Иван Костиќ.

Се констатира дека се исполнети основните цели на партнерството – остварување заедничка корист за двете компании и создавање цврста основа за иднината на македонската тутунска индустрија. Се нагласи готовноста за продолжување на успешната соработка, особено во делот на иновациите и инвестициите во нови технологии.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека изминатите 10 години се пример за позитивното влијание што силните меѓународни соработки можат да го имаат врз економијата и заедницата.

– Многу е постигнато овие години. Состојбата е консолидирана. На градењето на партнерски односи сите треба заедно да работиме. Владата даде безусловна поддршка. Очекувам со иста динамика да продолжат развојот, инвестициите и производството – изјави Мицкоски.

Регионалниот потпретседател за кластерот Југоисточна Европа во Филип Морис Интернешнал Костас Салварас, истакна дека соработката меѓу Филип Морис Интернешнал и Тутунскиот Комбинат Прилеп овозможи успешно реструктурирање и трансформација на ТКП, со што комбинатот стана повторно успешна компанија, додавајќи дека целта е да се продолжи и да се прошири успешната соработка преку иновации и инвестиции во нови технологии.

Генералниот директор Костиќ се осврна на досегашните успеси од партнерството:

– Компанијата ФМТКП учествува во државниот буџет со повеќе од 120 милиони евра годишно. За 10 години компанијата се позиционираше на врвот на македонскиот пазар, резултурајќи со извоз на 9 пазари, меѓу кои и земји од ЕУ. Паралелно, продолжуваме да ја градиме иднината без чад, базирана на научно поткрепени и иновативни решенија, но остануваме посветени и на остварување на нашите заеднички цели со стратешкиот партнер Тутунскиот Комбинат Прилеп – рече Костиќ.

Loading