Звучниот и оптичкиот сигнал на видеотелефонот во кабинетот на Претседателката на Републиката почна да го емитира позивниот апел за најитни случаи.
– Да, овде Претседателката.
– Госпожо Претседателке, итен случај, не ми е можно да минам по вообичаената хиерархија. Командант сум на пунктот 321 за космодетекција. Кон нашава земја се управени 20 летачки објекти што одбиваат да се идентификуваат, т.е. не даваат одговор на нашите сигнали. Немаме никакво известување за летачки во нашиов простор. Потребни се инструкции, што да правиме?
– Со колку време располагате за отворање ефикасен оган?
– Девет минути, после ќе биде доцна, земајќи ја предвид брзината со која се движат.
– Дајте ми ги координатите од местото во вселенскиот простор од каде тргнале кон нас летачките!
Претседателката ги запиша информациите што војникот и ги даде и му нареди:
– Останете на линијата, ќе ви се јавам пак по две минути. Бидете спремни и понатаму да отворите оган!
На вселенобродот остануваше уште една сала со киднапирани за евакуација, кога низ целата огромна летачка се запалија оптички аларми и продорно писнаа звучните. Некои од луѓето си ги затнаа ушите со дланките или со прстите послабо да ги слушаат. Групата од нив што беше веќе информирана како да постапува со товарењето и катапултирањето на спасувачките чунови, ја презеде работаво рацете, канализирајќи колку може побрзо толпата од неколкуте стотици жени, мажи и деца (во тој хаос немаше време да се постапува спрема вообичаените норми да бидат спасени прво децата и жените, а потоа мажите). Заради тоа што Алга и Нераб го познаваа добро вселенокоработ, првата тргна со полковничката Сирма, а вториот со генералот Александар кон двата стратешки јазли на коридорите преку кои стигнува до салата со луѓето за евакуирање и до онаа со спасувачките лотки биороботните војници. Сирма и Александар веќе беа информирани дека биороботите било да се третирани пленици-хуманоиди, или, пак, создадени во лабораторија, надворешно не се разликуваат меѓу себе. Оној кој се брани од нив со древни оружја треба да знае дека лабораторските го имаат срцето во десниот дел од градниот кош, а и дека треба да избегнуваат да дојде со нив во борба гради в гради, оти има малку шанси за одбрана од биороботите кои располагаат со огромна физичка сила и умеење за сите познати начини на борба. Сирма, Александар и Нераб, и тројцата извежбани војнички, беа спокојни. Пулсирањето не им порасна, а мозокот им работеше брзо со голема бистрина. Случајот на Алга беше инаков. Нејзината специјализација не беше воена, та лицето и побеле малку, срцето и зачука побрзо, но го надвладеа својот страв.
Секоја од двете групи за напад на спремените барикади со “внатрешни коли”, поставени попречно во ходникот, ги откочија оружјата и зачекаа. Речиси веднаш се појавија колите со војниците во нив. Митралезите почнаа да исфрлаат куршуми лента по лента. Повремено експлодираше фрлена рачна бомба. Ходниците до таванот се исполнија со телата од војници. Нивните колеги беа присилени да ги расчистуваат тие купови да отворат пат. Правејќи го тоа, и тие паѓаа мртви, пресечени од рафалите, или погодени од распрснатите рачни бомби. Неколку од колите со кои долетаа од нивните пунктови се запалија, металот од нив и од ѕидовите на коридорите почна да се усфитува.
(продолжува)