СО ПАМЕТНИТЕ  СЕНС ОЧИЛА – ДО ПОЛЕСЕН ЖИВОТ

Д-р. Христијан Ѓорески, професор на Факултетот за Електротехника и Информациски технологии (ФЕИТ), како и главен и водечки научник за вештачката интелигенција

Прилепчанецот Христијан Ѓорески (37) кој пред 11 години разви  интелигентен компјутерски систем за помош на стари и болни лица, продолжува со иновациите. Тој неодамна ги промовираше паметни очила Сенсе кои имаат способност да ги препознаваат, читаат емоциите на оние кои ги носат и да им го олеснуваат животот.

Работи како професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) на УКИМ, како и главен и водечки научник за вештачката интелигенција во англиската тех компанија Емтег.

Што се OCOsense паметните очила?

OCOsense се иновативни паметни очила развиени од компанијата Емтег Лабс – Англија, дизајнирани да ги следат емоционалните и физичките реакции на корисниците преку напредна иновативна технологија и вештачка интелигенција (ВИ). Со вградени сензори кои се насочени кон лицето, очилата откриваат суптилни движења на мускулите и изразите на лицето. Собираат податоци во реално време со голема прецизност, овозможувајќи анализа на емоционалната состојба, навиките за исхрана, секојдневните активности, како други аспекти на однесувањето.

Како ни помагаат да знаеме колку и што јадеме?

Очилата имаат иновативна сензорска технологија и алгоритми за вештачка интелигенција за следење на внесувањето храна. Користат комбинација од сензори за мерење движење на мускулите околу вилицата и слепоочницата, кои следат кога корисникот џвака и ја мерат брзината на џвакање и камера насочена надолу, која фотографира оброци и користи алгоритми за препознавање на храна, за да идентификува што точно се наоѓа во храната и кои се нутритивните вредности. Со оваа технологија, корисниците добиваат повратна информација за нивните навики, како што е забрзано јадење, што често доведува до прекумерно внесување храна. Дополнително, оваа функција е корисна за управување со исхраната, помагајќи им на луѓето да стекнат подобра самосвест за количината и видот на храната што ја консумираат.

Како очилата може да им помогнат на децата со аутизам?

Децата со аутизам често се соочуваат со предизвици во разбирањето на социјалните сигнали и емоциите. OCOsense може да игра значајна улога во поддршката на овие деца преку:

1. Откривање и анализа на емоции – Очилата ги регистрираат суптилните изрази на лицето и ги претвораат во корисни информации кои помагаат во разбирање на емоционалната состојба.

2. Визуелна повратна информација – Може да им овозможат на децата и нивните терапевти да ги идентификуваат и анализираат сопствените и туѓите емоции, што води до подобрување на социјалната интеракција.

3. Рехабилитација – Со следење на изразите на лицето, очилата можат да помогнат во подобрување на комуникациските вештини и разбирање на социјалниот контекст, со тоа овозможувајќи персонализиран пристап за секое дете.

Каде на друго место наоѓаат примена?

OCOsense очилата имаат широка примена во различни области: Ментално здравје – Овозможуваат терапевтите и лекарите да ја следат емоционалната состојба на корисниците, што помага во дијагноза и терапија на анксиозност, депресија и други состојби. Спорт и перформанси – Следењето на физиолошките реакции може да помогне во подобрување на фокусот, концентрацијата и управување со стресот кај спортистите. Неврологија и рехабилитација – Податоците собрани од сензорите можат да се користат за поддршка на пациенти со парализа на лицето, помагајќи во обновување на мускулната активност. Овие примени покажуваат дека ОЦОсенсе очилата имаат потенцијал да станат основна алатка за здравје, личен развој и технологија базирана на емоции. 

Кои се твоите сфери на интерес за други алгоритми, и зошто реши да останеш во Македонија, позитивен пример си за талент кој си ја сака татковината и како да те следат и другите млади.

Мојата главна страст е Вештачката Интелигенција, особено нејзината примена за подобрување на нашето здравје и секојдневие. Сакам да истражувам како можеме да станеме подобра верзија од себе – поздрави, посреќни и подобри луѓе. Благодарение на напредокот во технологијата, веќе гледаме резултати преку уреди како паметни часовници, прстени и алки кои мерат стрес, сон и активности. Со OCOsense очилата отвораме нова димензија: мерење на емоции, расположение и исхрана во секојдневието. Верувам дека ваквиот тип податоци ќе ни помогне да направиме значаен чекор кон подобро физичко, ментално и емоционално здравје.

Одлучив да останам во Македонија затоа што верувам дека и тука можеме да создадеме иновации кои ќе имаат глобално влијание. Секој млад човек кој сака да постигне нешто големо треба да знае дека местото не е пречка – упорноста и визијата се најважни.

ГРАД КАДЕ ШТО СУМ  ГО ПОМИНАЛ НАЈГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ

Во Прилеп како може да партиципираш?

Прилеп сè уште е градот каде што сум го поминал најголемиот дел од мојот живот. Поради тоа, добар дел од моите приватни и професионални контакти и конекции потекнуваат токму од Прилеп, а тоа често се одразува и на соработките и проектите на кои работам – многу од нив вклучуваат прилепчани. Тоа ме прави горд, и се трудам да го негувам колку што можам.

Целата идеја за примена на нашето научно истражување во индустријата произлезе од заедничката визија со мојот брат, д-р Мартин Ѓорески. Заедно го основавме стартапот АИДЕА Лаб во 2020 година, кој подоцна се трансформираше во главниот оддел за истражување и развој во рамките на Емтек Лабс.

СИНЕРГИЈА ЗА НАПРЕДОК

Професор или иноватор, каде се чувствуваш покомотно?

Верувам дека иновациите, индустријата и академијата секогаш одат рака под рака. Не гледам на тоа како избор помеѓу едното или другото – напротив, тие се дополнуваат. Академијата дава основа за истражување и разбирање, додека индустријата и иновациите ја претвораат таа основа во конкретни решенија што го менуваат светот. Во таа синергија лежи вистинскиот напредок, и затоа се трудам да бидам дел од двете.

Loading