Не постојат само паметни телефони, туку и паметно оружје, паметни возови , паметни згради, па дури и паметни градови.
Мојот паметен град има многу зеленило, многу паркови, со различни дрвја, многу повеќе отколку на фотографиите од 1917 година кои ги правеле германските војници за време на Првата светска војна.
Како го постигнавме тоа? Па ги урнавме сите објекти кои градежната мафија ги градеше во интерес на поединци. На нивно место пробивме нови, широки улици, со уште пошироки тротоари и велосипедски патеки, или направивме паркови со зеленило, дрвја, езерца на големи површини. Денес по широките улици на Мојот град ќе видите малку возила, но и тие што ги има ниту бучат, ниту испуштаат штетни издувни гасови (електрични или со водородни горечки ќелии). Моторни возила се користат главно за патување во други градови и држави, за излети до околината. Движењето низ градот е пешки или со велосипед. За подолги релации е организиран јавен превоз со автобуси кои не загадуваат и во кои патникот седи удобно како во својата домашна фотелја. Толку многу се убави, што понекогаш ми доаѓа носталгија по стотиците од Томос и сличните моторчиња, кои согорувајќи и моторно масло труеја до смрт. Жалам за оние чудни наши возила – трујачи, прогласени за најлоши во историјата. Или за ѓубрето со истрошени катализатори кое Западот го фрлаше, а кај нас се внесуваше како модерни луксузни лимузини, поливајќи го асфалтот со моторно масло.
А со зградите за живеење? Тие се толку добро енергетски ефикасни што за затоплување е потребно неколкукратно помалку енергија отколку во некогашните колективни згради или во повеќето приватни. Дрва за затоплување, како во камено доба, одамна не користат. Науката докажа дека при согорувањето не создаваат само чад, пепел и саѓи, туку уште триесетина штетни супстанци по човековото здравје, некои и канцерогени. За затоплување на зградите и приватните куќи се користи топлината на земјата, онаа на длабочина од 2 метра каде температурата е иста, околу 10 степени Ц, за разлика од некогашните инвертер клима уреди кои ја користеа топлината на надворешниот воздух, чија температура во зима се спушташе и под -20 степени. Тоа го правиме со повеќе големи топлински пумпи земја-вода, со енергетска моќност од неколку мегавати, (а не како порано со поединечни од неколку киловати што се рекламираа на интернет), од кои топла вода за фенкојлерите и бојлерите во домовите се транспортира со одделни, мали топлификациони мрежи, посебно за секоја населба. Еве на пример, јас во мојот стан имам фенкојлери во секоја просторија. Низ цевчињата струи топла вода за затоплување. Топлиот воздух се уфрла неосетно струење на воздухот, наместо некогаш фалените инвертер клими креваа прашината низ домот. Кога во лето ми е потребно разладување на домот, низ нив струи ладна вода и се уфрла исто така со неосетно струење ладен воздух во домот. И со ваквите системи цената за затоплувањето е занемарлив трошок.
“Електричната енергија и за домаќинствата и за сите големи потрошувачи, се добива најчесто директно од фотонапонските или ветерните централи цела година и дење и ноќе. Сончевавата енергија во топлиот период преку денот. Обичната вода со посебни електролизери се претвора во водород. Добиеното гориво се складира во големи сезонски резервоари. Индустриските капацитети ја добиваат електричната енергија од сончевото зрачење. Технолошките процеси го користат складираниот водород кој согорува во нови парни котли, кои, наместо оџаци, имаат одводни цевки. Создадената вода од согорувањето на водородот се внесува во канализационата мрежа. Во индустриската зона се преместени сите маалски фурни на водород. Електричната енергија, покрај од фотонапонските и ветерните централи, се добива и од хидроцентралите и некои други обновливи извори на енергија. Понекогаш, при случаен голем дефект, кусо време се добива од Сахара или дури од Тексас и Аризона. Фосилни горива одамна не се користат за производство на електрична енергија или за било каква друга потреба. Значи, ниту веќе се испушта јаглероден диоксид во атмосферата според меѓународните договори, ниту го се загадува амбиенталниот воздух во градот.
При прошетка низ градот, се чувствува некоја од преостанатите стари или новозасадените планински шуми. Толку е чист воздухот во Мојот паметен град.
Ги отворам електронските изданија на лондонски Тајмс, или Франкфуртер Алгемеине Зеитунг, Ле Монд… Читам дека паметни градови биле Тампере, Турку во Финска, па Амстердам, Копенхаген, Виена, Сан Франциско… Мојот паметен град не го споменуваат. Се нервирам како некогаш кога воздухот во мојот град беше многу загаден. Никаде не се споменуваше тоа. Само за загаденоста на Скопје, Тетово, Битола, Куманово… Така беше зошто не ја меревме загаденоста на градскиот воздух.
Денес во Мојот паметен град постојат најсовремени мерни станици за мерење на аерозагаденоста. Сите покажуваат едвај 1-2 микрограми суспендирани ПМ 2,5 честички во м3 воздух, како што бараше амбасадорот на Финска во нашава земја. Ќе му предложам амбасадата да ја премести во Мојот паметен град. Неговиот пример, верувам дека ќе го следат и другите амбасадори. Нема само Битола да се фали дека е конзулски град, Мојот паметен град ќе биде веќе амбасадорски.
Од најблискиот аеродром се враќаат во Мојот паметен град реки од некогаш иселените млади стручњаци со нивните деца кои развикуваат по некој странски јазик. Никој повеќе не заминува од Мојот паметен град, туку само се враќаат, дури и од некои соседни земји.
Кој раководи со Мојот паметен град? Немаме ниту партиски советници, ниту градоначалник. Раководи Совет на мудреци, од сите генерации, како Римскиот Сенат на големата империја од пред 2 илјади години.
Уште колку можам да пишувам за Мојот паметен град.
Се шетам низ старата чаршија, времето е многу топло и размислувам дали да одам под дебелите сенки кај Саат кулата или кај плоштадот, каде воздухот се разладува адијабатски. Додека се думам, ѕвони алармот од мобилниот телефон. Го отфрлам јорганот со кој дури и главата сум ја прекрил (затоа ми беше толку топло), погледнувам на часовникот на телефонот и гледам колку сум задоцнил. Веќе требаше да испратам писмо до еден неделен магазин. Во тој временски теснец, ја консултирам вештачката интелигенција од компјутерот да ми помогне, а нејзиниот одговор беше: “Па, ете, писмото си го напишал при спиењето. Зар не наоѓаше понекогаш во сонот и решенија за најтешките инженериски проблеми?”. Во право беше.
Така писмово стигна до вас!
Миле Грданоски