Мајстори за ката и борба и на 78 години!

Живот: Унијата на карате-ветерани на Македонија во Крива Паланка

Позитивен пример за сите други спортови е каратето. Изненадувачки, ама така е. Највозрасните се за восхит  со многуте активности. Унијата на карате ветерани на Македонија, формирана пред две години, собра во Крива Паланка, ветераните од три соседни држави – Македонија, Србија и Бугарија. Триумф на каратетото последниот викенд. Сé под конец со долгите подготовки и ангажман на претседателот на Унијата, проф. д-р Чедомир Саздовски и стручниот тим од соработници.

Крива Паланка е мало македонско место со јубилеј од пет децении карате. Блиско до границите со Србија и Бугарија. Со приближувањето до гратчето, силно се чувствува топол прием. Прво, прекрасен дочек во прочуениот манастир Св. Јоаким Осоговски, потоа низ градските улици, и на крајот во спортската сала. Таму, содржини за внимание од почеток до крај. Публика горе на трибината, а долу на паркетот-  карате-ветерани и тренери. По интонирањето на трите химни, се изведи ревијален дел на борби и кати од помлади и постари карате-мајстори. И тоа пред високиот специјален гостин од Србија, Марко Ницовиќ, носител на црн појас 10. дан, дојден со брат му Ѓорѓе и придружбата. Воодушевување. Ницовиќ бил во раководството на Интерпол, последен телохранител на Јосип Броз – Тито и на Слободан Милошевиќ. Тој е баран инструктор на семинари низ светот, и сега со 78 години. Го покажа со изведбата на борба и ката. Светска величина, а толку пристапен и за разговор и за фотографирање.

– Издржувам благодарение на дисциплината, посветеноста и силата на духот.  Ова е едно прекрасно дружење, силна енергија меѓу нас. Можност да се сретнат старите пријатели. Се потсетуваме на некогашните средби. Некаде во 1981 година бев во Македонија, мислам и во Прилеп – рече Ницовиќ.

Милина е да се гледаат 50-60 каратисти со изведби на кати, координирано, како еден. Аплаузи силни и долги. Се чинеше дека следи малку одмор, ама настапи КУД од Крива Паланка. Координација, како кај каратистите, на женските и машките играорци. Натпреварувачки дел во кати, поединечно и екипно. Вниманието свртено кон Славе Ѓорески, комесар за натпреварување и Арсо Синадиноски, претседател на Судискиот одбор. Двајцата прилепчани. А прилепчанец и Љубе Кафеџиоски, селектор на репрезентацијата на Македонија.

Оценките беа високи, нијанси одлучија за пласманите. Кај жените, златото за Елена Димитриовска – Димоска (Македонија), среброто за Маргарита Попова (Бугарија), бронзата за Силвана Трковска (Македонија). Кај мажите: златото за Зоран Пејов (Македонија), среброто за Сретен Јевтиќ (Србија), бронзата за Миодраг Николиќ (Србија). Во кати екипно златото е за за Бугарија, бронзата за Македонија.

Настанот заврши со неизбришливи спомени. Се очекува следна дружба на друго место.

Сегде прилепчани

Покрај Скопје и Штип, важен центар на каратето е Прилеп. Најбројни се секаде и секогаш, па и во Крива Паланка. Таму ги видовме: Петар Камчески – Пената, Менде Иваноски, Петар Чешелкоски, Златко Пирганоски, Златко Миткоски, покрај веќе спомнатите Славе Ѓорески и Љубе Кафеџиоски – Кафето, како и Орде Стојчески и Арсо Синадиноски, прилепчани од Скопје.

Прилепчани биле и двајцата владици и уште некој во манастирот.

Обезбедување од Прилеп

Прилепчаните придонесоа за обезбедувањето на карате-настанот. Се погрижи агенцијата МК Секјурити, со тим под раководство на комесарот за безбедност Златко Миткоски.

Сите презадоволни, оти сé помина во најдобар ред.

Loading