Вратата од келијата се отвори, слизнувајќи се во ѕидот. Во правоаголниот отвор се појави масивната силуета на еден од војниците биолошки роботи. Војникот се доближи до војводата спружен на подот, а вратата се затвори. Со апаратот ги отвори магнетските белезици од рацете и на металната сопка на нозете на Александар.
– Претпоставувам дека вие сте Нераб?
– Да, треба да брзаме да ги ослободиме другите.
– Како? Моето офицерско службено оружје ми го зедоа кога се качивме на бродов. Без оружје што би можеле да направиме?
– Од жителите на Пејоново беше ограбен и воениот музеј чии оружја Гаринциве сакаат да ги однесат дома и да ги изложат како трофеи во нивните музеи. Има повеќе пушки, митралези, машинки, пиштоли, револвери, сабји…
– Од каде знаете како се викаат тие оружја ко не се употребуваат со векови?
– Од уроците по историја во гимназијата.
– Добра се?
– Не сум се служел со такви древности. Мислам дека функционираат.
– А муниција? Без неа ништо не може да се направи, а во музеите муницијата е неупотреблива…
– Со се занимава пријателката Алга. На корабов има неколку машини-роботи. Доволно им е да им се дадат нформации или урнек и за кусо време ќе го произведат во поголеми колчества.
– Каков план имате, Нерабе?
– Сега ќе ја ослободиме Сирма. Знам каде е затворена. После ќе отидеме кај Алга, ќе се вооружиме. Ќе објасните како се манипулираат оружјата и ќе ги ослободиме киднапираните луѓе. Од една од просториите со спасувачките лотки или чунови, што претходно ќе ги програмираме да ги однесат на Земјата, во Македонија, ќе ги исфрлиме. Потоа и ние ќе си одиме со таква лотка.
– Ами бродов? Овие ќе ја уништат целата планета Земја…
– Има можност да темпираме систем што ќе предизвика експлозија и ништо живо нема да остане овде.
– Ајде, да побрзаме.
Ја ослободија Сирма, се качија на една од колите без колца, што се движеа на принципот на одбивање, и низ ходниците долги стотици метри отидоа до просторијата каде ја најдоа Алга исправена пред куп древни оружја и друг куп муниција и експлозиви, што со голема брзина исфрлаше машината “имитаторка”. Сирма и Александар им објаснија на Алга и Нераб како се ракува со оружјето, ги натоварија на две коли и брзо се упатија кон салите со стотици киднапирани луѓе. Веднаш почнаа да ги упатуваат со трчање кон најблиското одделение со спасувачките лотки.
– Ќе има ли доста место за сите?, праша војводата.
– Да, има место, ама кје треба да се настегаат во нив како сардини.
– А воздух?
– Воздухот е автоматски реконструиран. За тоа се грижи машината. Конструкторите на овие чунови се предвиделе во тој смисол.
Штом една од лотките, всушност “вселенски лотки”, употребувани за извидување или за спасување при катастрофа на космобродот, беше преполна со луѓе, ја катапултираа во космосот и тоа така продолжхи подолго време.
Полковничката рече гласно како да зборува сама за себе:
– Се чудам како досега не детектирале што станува на нивниов брод?…
И одговори Алга:
– Навикнати се да работат со автоматските системи. Сигурно дискутираат што да уништат во овој сончев систем, освен планетата Земја. А за аларм, со еден апарат што го програмирав, бидејќи таа ми е една од специјализациите, ги залажувам механизмите за детектирање што станува на бродов. Немаме неограничено време. Во секој момент можат да откријат што станува и ќе ги испратат против нас биолошките роботи-војници.
Во разговорот се смеша војводата:
– Јас се грижам и за друго. Нашите пунктови за космичка детекција ќе пресметаат дека голем број непознати летачки од космосот се упатуваат директно кон Република Македонија. Луѓето во лотките немаат можност да ги известат кои се. Ако нашите решат да отворат оган, сите ќе ги сметнат уште пред да влезат во земјината атмосфера…
(продолжува)