ЦК „Марко Цепенков” го објави јубилејниот двоброј на списанието за литература, уметност и култура Стремеж кое годинава одбележува -70 години печатење и објавување на внимателно избрани текстови од македонската и светската литература.
Првиот дел, 70 песни – Стремежплов низ 70 години донесува и реобјавува 70 песни од различните броеви кои излегле во текот постоењето.
– Некои од песните се книжевните првини на денес етаблирани македонски книжевници, некои се со статусот на уникатни артефакти кои биле поттик за следните писателски генерации, а некои се проблесоци на новите поетски ѕвезди на македонскиот книжевен хоризонт. Тоа игриво пловење низ децениите поетско творештво на ова тло е неодоллива книжевна авантура и возбудливо читателско искуство за старо-новата публика читатели и состремежници. Вториот дел ги содржи редовните рубрики со расказите од Петре Димовски и од Блаже Миневски, како и извадоци од необјавените романи на Оливера Ќорвезироска, Мирче Нешовски и Михајло Свидерски. Рубриката театар – филм ги донесува драмолетот на Ацо Гогов „Ноќни разговори” и филмската рецензија на Никола Гелевски „Три филма на Ларс Вон Трир, за попреченост”. Потоа се рубриката критики – есеи – студии со Елизабета Шелева за 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, рецензијата на Лидија Капушевска-Дракулевска за романот „Заборав” на Томислав Османли, есејот на Марина Мијаковска„Поетските микросветови на Раде Силјан” и студијата на Давид Стојаноски„Црн овен на Блаже Конески како збирка за животот, смртта и поезијата” – вели главната и одговорна уредничка на списанието Габриела Стојаноска – Станоеска.
Долгото опстојување на книжевната сцена, како едно од најстарите списанијаво земјава, го прави Стремеж стамен светилник кој низ децениите општествени промени го осветлува и чува патот и растот на македонската литература. Незаменлива е неговата улога за афирмирање, развој и промоцијата на македонската книжевност, уметности култура. Од Стремеж се излезени еминентни македонски писатели, врвни научници и академици..
Стремеж го издава ЦК „Марко Цепенков” со поддршка на Министерството за култура и туризам.