Свети Климент го основал првиот словенски универзитет во Охрид

Македонската православна црква со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец. Првиот македонски архиепископ, творец на далеку познатата охридска книжевна школа и најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Тој станал заслужен не само за македонскиот народ, туку и за целиот христијански свет.

Св. Климент со Св. Наум Охридски се најистакнатите ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 Светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим, со нив бил и Св. Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил во Рим, Св. Климент заедно со Св. Методиј се вратил во Моравија. Останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на Св. Методиј, во 886 година Св. Климент заедно со Св. Наум и Св. Ангелариј во Охрид ја основал познатата Охридска книжевна школа, наречена  прв словенски универзитет. Свети Климент оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Му се припишуваат опширните житија на Св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници, пофални слова за други празници на апостоли, маченици… На Кирил и Методиј им помагал во преведувањето на литературата за црковната богослужба, а го превел целиот Цветен триод.

По смртта, Господ го прославил Св. Климент со многу чуда. Се раширил култ, оти бил популарен. Се создале преданија за исцелителна моќ, да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки. Има преданија описменување на населението, го поучувал да ја обработува земја, да одгледува овошки и како да гради поубави куќи за живеење. И поголем број топоними  во охридско се поврзани со неговото име.

Патрон на Охрид     

Св. Климент Охридски е заштитник на Охрид. Според преданијата кога ќе се надвиснела некоја несреќа над градот и околината се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање. Св. Климент и Св. Наум Охридски се претставени како духовни браќа. Св. Климент бил епископ, а Св. Наум презвитер.

Св. Климент починал на 8 август во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата Св. Пантелејмон. Именденот го празнувал на денот кога светата христијанска црква го празнувала споменот на светиот свештеномаченик Климент папа Римски односно на 8 декември. Поради тоа подоцна светата црква главниот празник го поместила на денот на неговиот именден, а не на денот на неговото упокоение.

Loading