НЕМОЖНА МИСИЈА

ГАСИФИКАЦИЈАТА НА ПРИЛЕП

Во далечната 1998 година најпосле стигна природниот гас во земјава, како решение за најголем дел од енергетските потреби. Две години подоцна, како член на  Друштвото за наука и уметност – Прилеп, во преполнетата сала на клубот на Универзалната сала, тогаш во состав на Тутунскиот Комбинат, предавав за енергетските состојби во државава, со посебен осврт на Прилеп. Има уште живи сведоци. Кога на крајот зборував за опцијата за гасификација на Прилеп, имајќи во предвид како се решаваат енергетските потреби на граѓаните, предавањето го завршив со зборовите: “Прилеп ќе се гасифицира сосема, кога природниот гас ќе биде исцрпен во светски размери или кога неговата  употреба како фосилно гориво со меѓународен договор ќе биде ограничена, поради влијанието на климатските промени”. Саркастично, како што често умеам да се изразувам. Можеме да не го почитуваме договор, кој треба да стапи на сила во 2050 г., ама ќе мораме да плаќаме високи цени за емитуваниот јаглерод диоксид во атмосферата од согорување. А во тој момент, нашава држава како рамноправна членка на ЕУ или можеби уште како кандидат за членство, ќе мора да ги почитува меѓународните договори.

Природниот гас, без разлика дали е оној што доаѓа директно од земјата и преку гасоводи до одредена држава, или “течниот”, под висок притисок, на температура од -162 степени Целзиусови по морски пат до терминалите на некои приморски градови, каде се претвора во гас и се дистрибуира преку тие гасоводи, (Македонија финансиски учествуваше во завршениот терминал во Александрополис, Грција) е фосилно гориво кое привремено, до 2050 година, се води како “зелена” енергија, бидејќи при согорувањето многу, многу помалку ја загадува животната средина во споредба со јагленот, нафтата, или суровите дрва. Сепак, испушта јаглерод диоксид во атмосферата и влијае на климатските промени. Ова значи дека природниот гас е транзиционен енергенс, до периодот на потполна декарбонизација во енергетиката, кога светот ќе мора да се снабдува со електрична или топлинска енергија исклучиво од обновливи извори на енергија.

Каде сме ние, прилепчаниве сега? Никој не ја споменува гасификацијата, иако над градот повеќе години стојат табли со напис “природен гас под притисок од 54 бари”. И сé би било во ред, ако тука поминува гас. Има гасовод, направен со оневозможување на пристапот до некогашни култни излетнички места Топташ и Шаторов Камен и девастирање на природата каква што постоела со стотици илјади и милиони години. Би се согласиле со таа колатерална штета, ако во гасовод минува природен гас со прифатлива цена и кога нема да биде наменет само за првиот блок на РЕК Битола како што предвидуваше претходната влада.

Како сега стојат работите, ниту првиот блок ќе биде преадаптиран на гас, ниту РЕК Битола ќе биде затворен во 2030 година, обврска што државата веќе ја презела, туку, или ќе добиеме некаква “индулгенција”, милостивост (ама со пари) уште малку да продолжиме со јаглен, па ќе преминеме на позначително користење на обновливи извори на енергија, чиј енергетски баланс ќе го обезбедува во некоја непозната иднина изградените хидроцентрали Чебрен и Галиште (ако во меѓувреме сосема не колаборираат толку старите и често несоответно одржувани постројки на РЕК Битола).

Често поставувам една важна синтагма: “Луѓето задолжени за енергетиката, времето треба да го мерат не со месеци и години, туку со децении”. Кои луѓе? Па ние нив ги менуваме на неколку години и не знам дали секогаш биле врвни стручњаци за овој горлив проблем во земја, толку сиромашна со енергетски ресурси (освен сонцето, ама тоа не е и за потребното затоплување без складирање). До неодамна немавме ниту министерство за енергетика при толкав ненормален број на министерства. Објавив еднаш текст под наслов: “Како да го внесеме сонцето под земја”. Е, ама тоа е некоја далечна иднина.      

А зошто сум бил таков песимионистички визионер уште во далечната 2000 година за гасификацијата на нашиот град?

Во зборникот на трудови на ДНУ – Прилеп објавив еден труд, во кој меѓу другото напишав: “Природниот гас загадува значително помалку од јагленот, мазутот или суровите дрва. Што побргу треба да го користиме. Тука има сериозен проблем. Природниот гас е концентриран во мал број земји, најмногу во Руската Федерација, во Иран, Катар и уште неколку други земји, (во последно време и САД),  што создава систем на меѓузависност. Земјите увознички се во одредена положба, а извозницитечки ја засноваат економијата најмногу на извоз на нафта и гас. Тоа води до геополитичка, економска и социјална нестабилност во светски размери”.  Тоа се случи во почетокот на 2022 година со војната во Украина и економската и енергетската криза.

Сепак моето визионерство не било баш само саркастично, туку се засновано на здрав резон, поради многуте фактори што влијаат на светската, па и нашата,  енергетска состојба, како земја премногу зависна од увоз на енергенси.

А кои се другите фактори што ја правата неможна гасификацијата?

Погледнете ја ситуацијата со Куманово, па и Скопје. Покрај Куманово одамна минува гасоводот од Бугарија. Понатаму преку Скопје до Неготино, Прилеп, до Битола. Колку семејства во Куманово, па и во Струмица (каде се довезува природен гас од Бугарија) се приклучија на гасоводната мрежа, освен повеќето згради на јавните институции? Занемарлив е бројот. Иако се знае дека тоа ќе го реши загадувањето на амбиенталниот воздух во грејната сезона, а затоплувањето со гас  финансиски е поприфатливо отколку со гасот преку когенеративни термоелектрани – топлани, електричната енергија да ја користиме за затоплување, дури и со популарните клима уреди кои ги вградуваат граѓаните во последно време и кои не ги сметам за хигиено-технички многу добро решение, за разлика од топлинските пумпи. Но, такви  ТЕ-ТО се предвидуваат уште три во главниот град и една во Куманово. За Прилеп, без топлификациона мрежа, останува статус кво.

Второ, во сегашнава геополитичка состојба немаме сигурен испорачател на природен гас, освен за котларниците на топлификациониот систем на Скопје. Го очекуваме гасот од Александрополис, кој со самото наведување на неговите трансформации и транспорт, ќе биде значително поскап од оној кој влегува од Бугарија. Сепак, најскапа енергија е онаа која ја нема. Ама колку години уште се потребни да се воспостави гасоводна врска и со Грција? Никако да тргне работата со тој интерконектор.

Трето, и кога би било сето погоре решено и прифатливо, колку години и децении ќе бидат потребни за градба на комплетна гасоводна мрежа низ градот, имајќи ги во предвид примерите од минатото со слични зафати? До 2050-тата?

Ете зошто толку глорификуваната гасификација на Прилеп ја сметам за неможна мисија.

Во минатото имаше една генерација на луѓе со мото: “Да бидеме реални, да го бараме неможното”! Таа генерација одамна живее на друго место, што би рекол познатиот писател со чешко потекло Милан Кундера.

Миле Грданоски

Loading