На околу шест километри од Кавадарци, во близина на селото Ваташа се наоѓа излетничкото место Моклиште, на десниот брег од реката Луда Мара. Уште во железно време било населено, за што сведочи моклишкото кале, над манастирот Св. Никола. Убаво уредено е излетничкото и рекреативно место, доста посетено во Тиквешијата, за што се погрижила општината Кавадарци.
Низ селото тече реката Луда Мара. Уште кога ќе стигнеш, таму ќе се воодушевиш, бидејќи дочекува убаво уредена патека, чистата река, уреден парк со споменикот на 12-те убиени ваташки младинци.
Има и велосипедска и пешачка патека од 4 километри од двете страни на реката, покриена со бетонски плочки и широка 4 метри. Патека за пешачење, ама има и целосно уредени одморалишта со урбана опрема и метални конструкции за настрешници. Преку реката има и неколку пешачки мостови кои ги поврзуваат двата брега.
Шетајќи низ Моклиште не само што ќе уживате во паркот, ќе го разгледате споменикот на убиените ваташки младинци, ќе ја разгледате моклишката воденица, хидросистемот Моклиште, посетете го и манастирот Св. Никола од 16 век, изграден од зографот Никола и неговите синови… Убаво среден и нуди мир и спокој. Во близината има и неколку археолошки наоѓалишта, меѓу кои и Моклишкото кале.
Поминете убав ден во прекрасна природа, а потоа седнете и вкусете некои од специјалитетите во ресторанот и посетата ќе остане во сеќавање.
Текст и фото
Каролина Мицевска