Додека одеа пеш кон гаринскиот вселеноброд, Сирма го прекори колегата Александар:
– Зошто дојде со мене? Ако се гине, зошто да загинеме двајцата?
– Сирмо, ако ти гинеш, и јас сакам да загинам. Во мене пламти ужасна омраза за дојденциве со цел да не поробат. Илјади лета сме страдале и сме се бореле. Сега успеавме татковината да ја средиме, се кренавме меѓу најпросперитетните земји со жртви и со пот. Сега некој сака сето тоа да го избрише и да ни го земе!
Повеќе не разменија зборови. Се качија во вселенобродот и веднаш беа одведени пред гувернерката и нејзиниот штаб.
– Повелете седнете – ги покани гувернерката преку преведувачката.
Сините очи од Александар, со сиво-челичен одблесок, зашарија спокојно по наседнатите околу нив мажи и жени од Гаринија. Ништо во изразот на неговиот поглед не ја кажуваше неговата внатрешна ужасна уништувачка омраза спрема тие креатури што “тепале” милиони светлински години пат за да дојдат до Земјата со скриени конквистадорски намери и коси со различни бои. Од гувернерката беше зелена како лист од растенијата, собрана во форма на опашка со мал златен обрач на темето. Очи со црвени ириси, со израз на тесноумна интелигенција. “Многу можат да бидат опасни овие луѓе”, си рече во себе војводата.
– Значи, кој е одговорот од вашата влада? – праша гувернерката учтиво, со љубезна насмевка (“Сигурно се толку љубезни од чесност”, продолжи да извлекува заклучоци во себе македонскиот генерал, и по својот војнички, а не дипломатски обичај, одговори без “да врти околу Тајането”).
– Госпожо гувернерке, нашата влада, од моментов кога го соопштувам ова, ви дава рок од еден саат да ги ослободите сите наши државјани што се во овој космоброд. Доколку тоа го сторите, ќе ви помогнеме да го поправите бродов и да си одите, без да бидете уапсени и судени за злосторство, за киднапирање.
Гувернерката видно беше непријатно изненадена. Размени погледи со своите земјаци и праша:
– Од каде знаете дека на корабов има ваши државјани?
– Имаме специјални детектори за биолошки материјали. Знаеме дека меѓу другите киднапирани на вашава летачка бесправно се задржани сите жители од блиското село Пејоново.
Гувернерката забрзано зазборува на гарински со некои од своите колеги па, гледајќи дека нема смисла да го негира фактот, праша:
– А, што ако не го задоволиме вашиот ултиматум?
Студен како мраз, војводата одговори:
– Во таквата евентуалност вашиов брод ќе биде уништен со други, ефикасни оружја од оние што беа употребени да се оштети за да не може да го напушти нашиот простор.
– Ќе биде ли уништен заедно со вашите сонародници што се овде?
– Да, знаеме да се жртвуваме кога нема друг достоен излез – одговори флегматично Александар.
Гувернерката со одвај забележливо движење на раката им даде без збор наредба на атлетските војници со обрач на главата. Овие биолошки роботи се нафрлија врз Сирма и Александар, им ги заробија рацете зад грбот со магнетски полициски белезици, а на нозете им ставија сопки со истиот механизам што им дозволуваа само да одат со сосема малечки чекори. Гувернерката ги погледна триумфално:
– Млад варварину, никој дфосега ,во вселената каде сум била, неказнето не ми зборувал со толкава дрскост. Ќе ја добиете заслужената тешка казна, ти и твојава сонародничка дивјак какви сите на оваа планета. Потребните поправки успеавме да ги извршиме и веднаш ќе одлетаме далеку од вашите играчки што ги нарекувате оружја.
Друг заповеднички гест со раката и војниците ги натоварија двајцата заробеници на мала кола без тркала и покрив, и низ еден од долгите коридори таа со летање ги транспортира до две одделни соби-келии, каде ги фрлија на подот и ги оставија сами со своите мисли. Потоа се чу нешто како далечно грмење, ровја. Космобродот летна со голема брзина кон вселенските простори. Артилеријата од војската во истиот миг почна да стрела, но проектилите не успеаја да го урнат.
(продолжува)