ЗАТОПЛУВАЊЕТО Е ЕГЗИСТЕНЦИЈА

Ако обичниот човек го прашате зошто мора во денови, а и доста денови пред тоа, да ги затоплува просториите во кои живее, тој едноставно ќе ви одговори затоа што му студи, а зошто му студи?, па затоа што времето е ладно, и тука завршува кругот на прашања и одговори на оваа тема  со обичниот граѓанин.

Меѓутоа, науката создала неколку научни дисциплини за оваа област како на пример биофизиката, термотехниката и др. Човекот, за разлика од некои други живи организми, како рибите, кои имаат способност да ја прилагодуваат телесната температура на опкрувањето, значи, човекот, заедно со сите цицачи и птиците, има способност да одржува константна или приближно константна температура при најразлични термички услови на опкружувањето. Тоа е овозможено со циркулацијата на крвта, која создадената топлина во човечкиот организам од согорувањето на внесената храна, со помош на кислородот од вдишениот воздух, ја пренесува кон периферијата на телото. При тоа, еден дел од таа енергија се користи за извршување на основните животни функции на организмот. Тој дел од создадената енергија, значи во услови на потполно мирување на организмот, се вика базален метаболизам и изнесува просечно 80 вати, се разбира зависно од масата на човекот, а во услови на седење просечно 100 вати. И оној кој симболично човекот го споредил со сијалица од 100 вати, бил сосема во право, барем што се однесува до потрошувачката на енергија. При тоа, одржувањето на онаа константна телесна температура од 36,5 до 37 степени Целзиусови, е овозможено со центарот за регулација на телесната температура, којшто знаеме се наоѓа во меѓумозокот, во хипоталамусот. Тој функционира како еден прецизен термостат, какви што техниката одамна успеала да направи. Меѓутоа, принципите по кои делува, науката уште доволно не успеала да ги долови, а камо ли да ги имитира. Зашто, тој центар врши два вида на регулација; со едниот, да го наречеме хемиски начин на регулација, се регулира базалниот матаболизам, што е различен при различни активности на човекот, и другиот, да го наречеме физикален вид на регулација, со што се регулира оддавањето на топлината од човечкото тело (знаеме, преку конвекција, преку зрачење, преку испарување од кожата и преку дишењето).

Што станува ако човекот, несоодветно облечен, се најде на многу ниска температура. Тогаш, почнуваме да потскокнуваме (најмногу при студ во стапалата, оти се најдалеку од срцето), почнуваме да ги триеме дланките од рацете (и тие се доста далеку), кожата се наежува, мускулите се напнуваат, базалниот метаболизам расте и човекот се тресе. И кога телесната температура опадне на 25 степени настапува смрт. За среќа, ваквите случаи се многу ретки (обично, надвор од населено место во зимско невреме или сами, стари, изнемоштени лица кои се нашле во незагреана просторија при многу ниска зимска температура).

Прашање е, на која темература на околината човекот се чувствува најпријатно, најугодно, да речеме конфорно. Кој е тој температурен конфор?

Под температурен конфор се подразбира состојбата на човековиот ум, кога тој изразува задоволство од термичкото опкружување. Тој температурен опсег во зимскиот период е од 20 до 23 степени Целзиусови (зависно од возраста и од многу други фактори) и од 23 до 26 степени Ц во лето, кога сме полесно облечени. “Ппозиморливите” треба да знаат дека со секој степен Целзиусов повисоко затоплување на домот, трошат 6-7 отсто повеке енергија.  Со секој степен Ц повисока надворешна температура, се намалува потрошувачката на енергија за 6-7 проценти.

Кога го имаме оној температурен опсег во просториите во кои живееме? Според моите повеќегодишни истражувања во една референтна просторија во Прилеп, со просечна изолација и просечна осонченост, односно заштита од сончевото зрачење, температурен опсег од 20- 26 степени Ц, со толеранција од половина степен, во нашите простории владее во околу 109 денови од годината. Во 45 денови е потребно ладење на просториите во кои живееме, а  дури во 211 денови, значи 7 месеци, потребно е затоплување. Овие бројки не важат за малите деца и луѓето во длабока старост. За нив, бројот на деновите за затоплување е повисок.

Ете, кога зборуваме за ладниот период во годината, заклучокот е дека затоплувањето во наши услови е егзистенцијална потреба како што се воздухот, водата, и храната.

А како се грееме  ние во Прилеп?

Решавањето на прашање сé повеќе се спушта надолу, кон семејството, кон поединецот, кон одделните економски субјекти, наместо да биде обратно, да оди нагоре, кон локалната и посебно кон централната власт, кон државата, која треба да создава претрпоставки и предуслови за рационално решавање на ова прашање. Државата, барем досега, таква грижа води за поголем дел од граѓаните во главниот град.  Во внатрешноста се снаоѓаме секој според своите знаења и можности, покрај бројните предизборни ветувања за топлификација, за гасификација и сл.

Да не заборавиме, начинот на кој се грееме во голема мерка влијае и на квалитетот на воздухот што го дишеме, посебно оној надвор, кога нема струење на воздухот, но и уште повеќе на внатрешниот воздух. За таа тема, во друга прилика.

Миле Грданоски

Loading