Храмот Св. Петка во Точила, вторпат распишува Божикен награден конкурс за литературна и ликовна уметност на тема „Рождеството Христово – Божикната радост во нашиот дом”. Право на учество имаат учениците од основните училишта поделени во две категории, од прво до петто одделение и од шесто до 9-то одделение. Ќе имаат можност да го изразат талентот преку збор и боја, и да го почувствуваат Божикниот дух преку создавање.
Кандидатите можат да учествуваат само со една творба (проза или поезија) до две страници во А4 формат, со фонт 12 или цртеж на блок бр. 4 или 5 Творбите треба да бидат потпишани со име, презиме, училиште, одделение, име на менторот (ако има), адреса на живеење и контакт телефон. Литературните и ликовните дела треба да се достават исклучиво во храмот. Пријавените ќе ги оценува стручно жири. Конкурсот трае до 18 декември 2024.
– Сакаме да го доближимеа празникот до срцата на децата. Да творат за за рождеството Христово или да го насочат вниманието кон семејните вредности и топлината на Божикните празници, да ја претстават радоста на Божик дома со најблиските, нивно обединување во радоста на Рождеството и да се промовираат важни вредности преку творештвото. Конкурсот носи воспитно – образовен карактер, поттикнувајќи ги младите да се изразат преку уметност и да го развиваат својот креативен потенцијал – вели протоереј Љупче Петрески, в.д. старешина на храмот Св. Петка.
Свеченото прогласување и доделување на наградите ќе биде на Бадник, по утринската богослужба 11 ч.