Во прегратка со Ница

Неслужбено главен град на Азурната ривиера на Франција е Ница, најважна светска дестинација  на милиони туристи. Град со преубава стара архитектура. Плени со убави плажи, пазари и бројни паркови. Можеби некогаш Ница беше недостижна. Сега е примамлива и за туристи со поплиток џеб. Местоположбата е многу погодна, а климата блага.

Европската аристократија почнала да доаѓа во 18 век. Меѓу нив биле англиската кралица Викторија, нејзиниот син, кралот Едвард Седми, рускиот цар Александар Втори, членовите на семејството Ротшилд, уметниците Чехов, Пикасо, Матис… Од 2021 година стариот дел е внесен во листата на светско наследство на Унеско.

Не се брза со разгледување и уживање. Не е грешка и да се мине летниот одмор. Ако е само еден ден, пожелно е прошетката да почне од англиското шеталиште Променаде дес Англаис крај морето. Нозете ќе паднат ако се има амбиција да се мината седумте километри од шеталиштето крај кое се редат импозантни објекти. Низ целата должина на Променадата, сепак има клупи и конструкции за одмор за да се земе здив и да се продложи. Се ужива на  погледот на морето. Имресионираа и импознантните градби, луксузните хотели, вилите на богаташите и палатите. Таму е најпознатиот хотел, Негреско. После него е и Музејот Масена во истоимената вила со експонати кои ја раскажуваат историјата на регионот и предмети што му припаѓале на Наполеон. Потоа е палатата Медитерана од 1929 година, градена од американски милионер, а сега е хотелот Хилтон со казина, театар, ресторани… На шеталиштето е споменик посветен на убиените во терористичкиот напад во 2016 година. Преку Променадата е паркот Џардин од 19 век. Тука се одржуваат различни манифестации, меѓу кои и Ница – џез фестивалот.

Воодушевува главниот плоштад Масен. Од едната страна се влегува во стариот дел, старото јадро  со тесните улички, шарените згради, рестораните, кафулињата, бутици… Омилено за туристите. Може да се пробаат познатите сока палачинки со солено брашно, вода и маслиново масло и да се ужива во романтичната атмосфера. Во овој дел се најубавите храмови. Уживањето да биде комплетно, пожелно е да се отворат црковните двери. И главниот пазар е атракција, оти ги “пали” очите со зеленчук, овошје, цвеќе, сувенири. Окото го влече и зградата на операта, а наспроти најстарата продавница за чоколади. Во близина е Палатата на правдата и плоштадот Розети, на кој доминира градската катедрала Сент Репарате. На крајот од стариот дел, има лифт за качување до паркот на каде некогаш била воената тврдина. Од ридот се ужива во панорамата на градот и пристаништето. За на крај, е Матисовиот и Шагаловиот музеј и Руската катедрала, најголемата црква во Западна Европа.

Пред заминување интересна е авенијата Жан Медицин. Низ продавниците за облека се прави мал шопинг со најниски до највисоки цени.

Како и да е, многумина се вљубуваат во Ница. Остава силни спомени и желба за нова прегратка со медитеранскиот град.

Текст и фото:

Каролина Мицевска

Loading