“Смеј се и осмели се”

В година 59. МТФ “Војдан Чернодрински”

МТФ “Војдан Чернодрински” по 59. пат ќе се одржи од 6 до 13 јуни 2025 г. Мотото е “Смеј се и осмели се”, како своевидна реакција, коментар, состојба која треба да покаже на која страна се движи македонскиот современ театар.

– Идејата тргна од потребата да се дефинира што е “посилната” страна на македонскиот театар и да се охрабри и театарот и публиката да бараат повеќе. Мотото упатува на секој театарски уметник кој се обидува од своја перспектива да се охрабри да го гледа театарот низ двете навидум дијаметрално различни позиции: забавата/комедијата и ставот/трагедијата/ангажираноста – вели д-р Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

Според неа, да се создава театар значи да се има став за одредена позиција, сопствено мислење, независно дали естетскиот концепт е забавен или едукативен/ангажиран.

– Новото издание треба да ја даде сликата на театарот со став и разговори за театарот со став. Идејата на 59. фестивал е да се даде преглед во рамките на програмата “Враќање дома” и идејата за Прилеп – град театар, на она што ќе биде директно учество на театарски уметници со став. Направени се неколку промени. Наместо досегашните едукативни работилници, кои сметаме дека направија огромна промена во третирањето на театарската едукација во Прилеп и инспирираа отворање на нови едукативни центри, ќе се свртиме кон откривањето на театарот со став и развивање на програми кои ќе придонесат уште подобри и поуспешни изданија. Ќе бидат застапени сите целни групи. Наскоро ќе го објавиме комплетниот концепт на фестивалот преку стандардната видео програма – додава Стојаноска.

Loading