“Интервалите во мене – борба на внатрешните прекршувања до крајот на целта” е самостојната изложба на академската уметница Александра Гиноска отворена во Велес.
Гиноска создала дела преку кои внатрешниот антагонизам предизвикан од непомирливата спротивност на чувствата и мислите, ја принудиле да направи неколку чекори назад, да се оддалечи од сегашниот момент преплавен со сензитивни интерни конфликти – вели м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.
…Асоцијативните апстрактни и слободни интервенции конструирани со непомирлива динамична раздвиженост на контрастните површини и раскошно колоритен вокабулар, рефлектираат бурни внатрешни емотивни судири и кулминациски состојби. Со примената на разни контрасти на многубројни ликовни елементи, се манифестираат внатрешните медитативни процеси, исполнети со антагонистичка тензичност и разиграни динамични дијалози, односно “во сликите меѓу чистите површини има одреден акцент на динамиката и тоа е интервал кој го доживуваме во просторот и времето”. Во апстрактните композиции се акцентирани празните интервали меѓу визуелните морфеми со коишто таа ја компонира личната чувствена хармонија и мелодика – потенцира Димеска.