Тројца ученици од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ го изработија најкреативното видео на Конкурсот, „Данок плати – во иднина да ти се врати“, кој УЈП го организираше по повод „Св Матеј“ – Ден на даночните работници. Нивното видео било најдобро од пристигнати 22 видеа за „Фискалната едукација“ од средните училишта во државава, информираат од УЈП.
Награденото видео учениците го изработиле за кусо време преку кое прецизно ја нагласиле целта дека доколку се плаќа данокот, тоа им се враќа за подобро секојдневие на граѓаните.
„Учествуваме на конкурсот и во навистина краток период, во еден ден, учениците од струката графички уредник-дизајнер го подготвија видеото. За идејата во видеото тргнавме од мислата за тоа дека доколку не се плаќаат даноците, улиците и училиштата ќе бидат руинирани. Горд сум на учениците што добија прва награда, – рече Александар Костадиноски, професор и ментор на тимот во електромашинското училиште „Ристе Ристески Ричко“.
На училиштето му беше доделен преносен компјутер, додека на тројцата ученици кои го изработија видеото – им беа доделени безжични слушалки. Останатите ученици од одделението, од струката графички уредник – дизајнер, добија пригодни подароци.
Целта на конкурсот е младите да покажат креативност и разбирањето на важноста за плаќањето на даноците.
УЈП со активностите во рамки на програмата за одбележување на „Св. Матеј“ сака преку едукација за општествена одговорност, да даде поддршката на образованието и младите и преку хуманитарната акција под мотото „Биди човек, биди хуман“ испрати порака дека секој мал чекор може да доведе до големи промени во заедницата