Судејќи според сенката на фигурите на фотографијава, ова е парче од животот на градот во утринските часови во минатото. Додека сонцето го освојува хоризонтот, се развражале, небаре мравки, вредни прилепчани. Итаат фамилијарно по работа, на пазар низ старата чаршија, по дуќаните кои се прилепиле по коритото на градската река. Не бадијала народот рекол: “Кој рано рани, две среќи граби”. Во таа хармонија, среќа на лицата на оние кои знаат азното со полека да го токмат, додека водата тивко тече…
А текот на реката и сега е мирен. Се турка времето. Наместо нерегулираното градско корито, на потегот токму каде е направена оваа фотографија, се ујдиса модерен бизнис центар со катна гаража. Се сонуваше голем мост, паркинг над коритото, да се појде отаде река, кон црквата.
На местото од трошните дуќани во кои се врткала што годе сермија, во бизнис центарот се нуди од пиле млеко…
Водата мирно тече, го турка времето, минато со спомени, а денешнината се тркала будна…
Старата чаршија останува мерак на душата!