Манастирски комплекс Свети Архангел Михаил во Варош
Меѓу поголемите празници со домашни слави и имендени е празникот Собор на Свети Архангел Михаил, меѓу народот познат како Аранѓеловден. Определен е во чест на сите ангели, а најмногу на Свети Архангел Михаил кој се смета за водач на сите небесни сили. Припиен во сивите карпи под крепоста на Кралот Марко, во манастирскиот комплекс Свети Архангел Михаил во Варош се наѕираат камбанаријата, црквата и старите и новите конаци. Во манастирот е обновен монашкиот живот. Во храмот се пронајдени едни од најстарите фрески. Доста се оштетени, сепак се препознаваат композиции на Страдањата Христови и Чудата на Св. Архангел Михаил. Од двете страни на влезот на храмот во цел раст се насликани фигури на кралот Волкашин и син му Марко. Комплексот е познат и по фрагментот од фреска од 12 век на Св. Архангел Гаврил.
Предизвикува не само по убавината, туку и по исцелителната моќ на водата која извира од кладенецот. Марко Цепенко забележал дека во турско време некое турско дете се измокрило во кладенчето, по што се вкочанило и ослепело. Молитвите и миењето од водите на изворот му помогнале да се излекува. Кладенецот се нарекува богородичен извор.
-Чудотворна е водата. Мајката Божја ја лекува секоја немоќ на нашите души и тела. Еден човек кажа дека неговиот внук прогледал пред неколку години, откако го измиле со вода од изворот – раскажуваат монахињите.
Многу луѓе со мака од цела Македонија доаѓаат на кладенецот да наполнат водат и да се исцелат од некоја болест.
Манастирот е масовната посетен за празникот Свети Архангел Михаил на 21 ноември и за Голем петок или Источен петок, Балаклија.
Монахињите сликаат икони според преданието во ореово дрво, со заднина од 24 каратно злато, обоени со природни пигменти растопени со жолчка од јајце. Посетителите се воодушевуваат и ги храната очите од убавината на старата архитектура, богатството на икони и фрески, импресивната глетка на Пелагонија. Душата ја облагородува секое парче од манастирот, загрнат од сивите карпи под Маркукуле.
Цепенко за ангелот
Празникот се слави на 21 ноември, оти Михаил е меѓу главните ангели. Неговото име било борбен извик на ангелите на небесата во борбата против Сатаната и неговите следбеници. Претставен е со меч. Марко Цепенков запишал дека “кога ќе умирал чоек, ангелот му се јавуал откај глаата, а смртта откај нозете. На праведниот му се јавуал ангело и смртта му била многу весела, а на грешнио многу смуртена и страшна. Ангело бил со ножо в раце и со терезија, а смртта со една торба алати, како од некој мајстор, турли-турли алати имала: тесла, тесличе, пиличка, пила, секира, глето, копан и друзи многу”. Цепенков забележал дека кога се венчавале луѓето, ангелот Божји стоел до нив.
Овој ангел ги посетува сите болни луѓе. Доколку стои кај нозете не е добро, а ако застане над главата ќе биде добро и болниот ќе се излекува. Се верува дека болните треба да му се помолат и да побараат излекување. Овој светец се поврзува со болните и со искупување на гревовите на грешните.
Именден празнуваат Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…
Црквата датира од 11 век
Црквата датираат од 11 век. Доказ се фреските на Свети Архангел Михаил и на фигурата на неидентификуван светец, сочувани на големите карпи. Двете карпи биле малтерисани и насликани на малата црквичка, под подот на денешниот божји храм. За светилиштето од 12 век сведочат сочуваниот ѕид и фрескоживописот со видливи елементи на кралски портрети и фрагменти на ликови од светци. Кон некогашната црква била доградена “западната црква” со сочувани фрески од 13 век, меѓу кои и ктиторскиот кој го држи моделот на црквата. Во 14 век била зографисана “источната црква”. Сведок се фреските од олтарниот простор и портретите на Волкашин и на Крали Марко на пиластрите на западната фасада, лево и десно од влезот на црквата. Во 16 век се обновил источниот дел. Во 1861 година црквата е обновена со поставување на свод, изградба на отворен трем и на камбанарија. Се изградило и западното крило на манастирските конаци. Црквата е еднокорабна. Остатоците од фреските се од 11 и 12 век. Фасцинираат како зографски мајсторски дела. Таму се фреските “Христос пред Пилат”, “Патот на Голготата”, “Симнувањето на крстот”, а на северниот ѕид е насликан Архангел Михаил, по кој е именувана црквата.
Светецот па храм
Легендата почнува во 10 век, кога непознат ученик на Свети Климент се населил во карпите да води осаменички живот. Местото се вика кај Светецот. Црквата е градена на старо култно место. Сведок се античките мермерни столбови употребени во градбата.
Мошти од Св. Козма и Дамјан и на Св. Стилијан
Во манастирско богатство се дел од моштите на тројца светци. Се негуваат и чуваат дел од моштите на Св. Козма и Дамјан, и на Св. Стилијан, бидејќи се раритет.
Мермерен натпис со кирилско писмо
На тремот пред влезот на црквата сочуван е запис на кирилско писмо од 996 година. На натписот се споменува смртта на Андреа. Тој е значаен затоа што е втор по старост словенски натпис со кирилски букви.