ФИЗИЧКАТА И УМСТВЕНАТА АКТИВНОСТ ЗА РАДОСТ НА ЖИВОТОТ

Прилепчанецот Миле Грданоски (86) открива која е тајната за квалитетен долг живот

  • Избрав да живеам и да се чувствувам како вечно млад

Неодамна прилепчанецот Миле Грданоски го прослави 86-тиот роденден На Фејсбук, покрај креираната фотографија со роденденска торта, напиша и статус насловен “Без наслов, но со повод” во кој тој открива кој е рецептот за долг, но квалитетен живот. Освен генетскиот материјал, кој го носи секој поединец и влијае со 25 проценти, објаснува дека другите два фактори кои се важни се физичката и умствената активност, па макар и копање во бавча и разговор со пријатели.

Не е првпат кога ги дува роденденските свеќички, Миле Грданоски да се наврати на Дарвиновите вистини, на филозофските размисли од разни мислите, и убаво ги срочи погледите за животот. Ланската роденденска колумна ја  насловил „Пофалба на староста”. Во 365-те дена вели дека имал незначителни главоболки, сепак се чувствува витален и здрав, согласувајќи се со непогрешливата мисла на познатиот француски писател Албер Ками дека „Човекот е повеќе човек според работите што ги премолчува, отколку според оние кои ги кажува”. На најчестите прашања за тоа кој е рецептот за долговечноста, вели дека важна е здравата и умерена исхрана, но најважна е физичката и умствената активност.

– Тоа значи ритмично активирање на поголема група од вашите мускули (со брзо, отсечно  и „жустро”, што би рекле моите српски пријатели, движење, по можност секој ден, барем половина час, препорачливо на чист воздух, во парк или природа, или возење велосипед, освен кога временските прилики се исклучително лоши. За менталното здравје потребни се интелектуални предизвици – шах, судоку, решавање на загатки, учење нови вештини. Обидете се секоја вечер редовно да спиете 6- 8 часови, покрај оној променет циркадијален ритам кај повозрасните – открива Миле Грданоски.

Сугерира да се избегнуваат сите пороци, од тутун, алкохол (освен 1-2 децилитри, не литри – црно вино). Избегнување на ризичните активности (пребрзо возење, особено на моторцикл, опасни планински патеки и височини несоодветни на можностите. Избегнување загадена средина (воздух, вода, ѓубришта…) и почесто патување надвор од градот.

– Ведер дух и поволно опкружување. Радување на животот без разлика на состојбите, широко дружење со роднините, со пријателите, друштвена вклопеност. Чувство дека сте некому корисни. Оптимистички пристап кон секаква појава, тоа значи оптимизам базиран било на религиозна основа, било на световните, овоземски вредности – вели Грданоски.

Препорачува редовна контрола на здравјето и комплетна крвна слика барем еднаш годишно.

– Сето ова ќе ви покаже дека животот е она што сами ќе го направите. Стареењето е задолжително, но однесувањето и живеењето како старец е опција, избор. Избрав да живеам и да се чувствувам како вечно млад. Стареењето е природен биолошки процес. Ниту ние, ниту науката, не може да го спречи. Науката може да помогне во негово забавување и како што често споменувам во моите објави, да се умре што подоцна, но здрав до последниот здив – вели Грданоски.

Најави дека во наредниот период  престанувам со долги објави на Фејсбук, освен по повод 90-тиот роденден. Ќе се фокусира на интернет на научно потврдените факти за квалитетен живот, а своите ставови ќе ги пласира во традиционален медиум.

Неговата цел не е да додава уште многу години на животот, поминат во неподвижност, во постела, туку на годините да им додаде живот – независен, разновиден. Тоа го препорачува на сите.

ПЛАНИНАР И СПЕЛЕОЛОГ

Ги сака и планините и пештерите.

За стогодишниот јубилеј на ПСК Златоврв, помладите членови на Клубот ја истакнаа неговата активност особено во периодот 1961-1971 год. како активист во омасовувањето на планинарството и основач и прв раководител на спелеолошката секција.

– Се потсетивме на ветераните, Рампо Топчија, прв претседател, фанатичниот планинар Круме Гулески, долгогодишниот претседател на обновеното друштво во 1958 год. – Целе Стефаноски и многу други наследници, како Жарко Вуковиќ и други. Ме радува што на тие почетоци во спелеологијата, во шеесеттите години,  во 2011 год. е формиран Спелеолошки Клуб Златоврв под раководство на д-р Марјан Темовски, кој спелеолошките активности ги постави на научна основа. Многу успеси им пожелувам на членовите на ПСК и ССК ЗЛАТОВРВ во наредниот период – вели Грданоски.

ВЉУБЕНИК ВО ВИСОЧИНИТЕ – ЛЕТА ТАНДЕМ СО ПАРАГЛАЈДЕР

И во деветтата деценија од животот, Грданоски се вивнува во височините. Лета со параглајдер, но тандем со искусен параглајдерист во летниот период, најчесто во Охрид. Го сака чувството кога адреналинот ќе порасне. Првиот лет го имал на светското првенство во змејарство во Крушево во 2016 година. Уште лета.

– Прекрасно е задоволството и остварување на исконскиот сон на човекот да биде птица, слобода, шир, пријатен виор од кој се крева адреналинот.  Доживувам вител на задоволство, да се гледа панорамата долу каде и да си. Поздравот со облаците сакам да го доживеат и ми се придружат и други пензионери, доколку  се здрави – рече Миле Грданоски.

Тој завршил Машински факулетет во Белград, а работниот век го заврши како директор на развој во Тутунскиот комбинат. Работел и на компјутерско цртање.

Loading