Малку познати споменици
“На портите од анот имаше две камени икони со синџир обесени самодојдени од манастирот Свети Никола кај Чепигово. Многупати Турците кршеле и фрлале, ама пак тие си иделе и се обесувале на истото место”.
Ова е една од легендите запишани од Марко Цепенко, пренесувани од генерација на генерација, поврзани со импресивниот ѕид, остаток од турскиот објект Куршумли ан од 16 век во центарот на градот кој од едната страна сега е претворен во камена сцена за летни културни манифестации. Некои сметаат дека бил безистем, покриена чаршија. Куршум на турски значи олово. Името го добил по металниот покрив.
На место на влезната порта на Анот, подигнат е параклис, посветен на Свети Никола да ги штити прилепчани од неволји и немири. Граѓаните добија централно светилиште со голема камена икона со Свети Никола. Советот го прогласи светецот за закрилник и патрон. На плочата пишува: “Светителе, Оче наш, Николае, Тебе ти ги доверуваме нашиот град да ги штитиш чуваш и закрилуваш луѓето сега, секогаш и во сите векови”.
Анот граден со антички камени диреци
Според историските податоци, Куршумли ан бил изграден од Турците при доаѓањето на Балканот, зашто Прилеп бил познат економски центар. Трговци со каравани и придружба доаѓале и преноќувале во анот. Во придружните објекти имало и пондила за сместување и прехрана на коњи, кобили и магариња. Запишано е дека портата на Анот била голема да можат да влезат и камили.
Едно од преданијата вели дека покривот на Анот бил оловен и затоа Турците го нарекле Куршумли ан. При градбата на блиската Чарши џамија, немале доволно материјали и го растуриле оловниот покрив на Анот да ја покријат џамијата.
Во околината на ѕидот уште стојат големи мермерни, обликувани блокови и столбови. Во преданијата на Цепенко се вели дека Турците донесле мемерни диреци од близина на селото Чепигово каде се најдува археолошкиот локалитет на античкиот град Стибера. Стручанаци препознаваат дека дел од камениот материјал бил од остатоците од античките градби. Битолскиот валија од завист ги расипал сите убави камења да го изградат Куршумли ан кај таканаречениот Рибен пазар.
Старите прилепчани пренесуваат дека Куршумли ан имал еврејски знаци.
-На остатокот од ѕидот, на отворите, розетите се во форма на шестокрака ѕвезда што е симбол на еврејските објекти. Како дошле еврејските знаци на турски објект, тешко се одгатнува, зашто не се памети, а и историјата не забележала, во Прилеп да живееле козјнае колку Евреи или пак имало синагога – вели стар прилепчанец.
Ченто и Александар Велики до Ѕидот
Околината на ѕидот на Куршумли ан последниве години е облагородена со неколку урбанистички интервенции. Едната страна е адаптирана во камена летна сцена за изведување на културно настани, додека во близината на другата страна е поставен споменикот на првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов Ченто. Во комплексот на плоштадот, архитектите го поставија и споменикот на Александар Македонски, подарок на градот од бизнисменот со прилепско потекло од САД Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.