Даниел Мелвил Македонска рапсодија 56      

– Гувернерот на бродов сака да зборува со мене. Познато ли ви е во што е работата?

– Ме информира Алга. Заради многу редок и непредвиден дефект вселенобродов требаше итно да се приземји, за да биде поправен и да си оди потоа. Сега, пак, оштетен е од проектилите на нашата армија. Оштетувањата набрзо се отстрануваат. Но, треба време. Затоа, со божемни преговори, сакаат да го добијат потребното време. После, одеднаш ,бродов ќе одлета со голема брзина. И готово.

– Па што треба да се прави?

– Вселенокорабов императивно е да биде уништен. Тоа треба да им се пренесе на војниците и на властите кај нас.

– Да се уништи со стотици наши сонародницио? Со Алга? Со вас?

– Нема друго решение. Има само еден проблем. Како ова да им се соопшти на надлежните власти на Македонија?

– Кога зборуваме за Македонија, Нерабе, зошто Гаринциве дошле токмо во Македонија? Зошто не во друга држава или на некој друг континент?

– Во прашање е случајност. Меѓумлечнопатските патувања чинат колосално скапо за технологиите на нивото од Гаринците, и покрај нивната огромна економска моќ. Штом нивна извидница открие простори податни за експлоатација, кон фазата на завојување се преминува брзо, од чисто технолошки и економски причини. Извидниците ги пронашле овие светови. Ме киднапираа со дузина други луѓе. Сите беа успешно трансформирани, освен јас. Сега се сведени на живи мртовци без никаква автономија. Балканот го избрале, а и Македонија, затоа што се меѓу најпросперитетните региони на оваа планета, а парадоксално, од искуства со други светови низ вселената, се дошло на мислење дека напредните цивилизации се полесни за манипулирање, отколку примитивните човештва. Последниве не биле доволно рентабилни.

– Резиме на сето е дека има само еден проблем, да се соопштат тие информации на нашите власти и да им се побара веднаш да го уништат целосно овој вселенски брод, без оглед на жртвите? Но, бродов секако располага со одбранбени средства и на нападот ќе одговори.

Нераб се насмевна:

– Не само што располага со одбранбени средства, туку може без проблем да уништи се живо на Земјава.

– Па тогаш како да го нападнеме?

– Госпоѓо полковник, Гаринците немаат менталитет на самоубијци. Додека не одлетаат на голема височина, не можат да ги употребат нивните оружја. Доста се информирани за нашите можности и за спремноста на нашиот народ да им одговори, без оглед на опасноста за нашата држава. Борбата за одбрана, за слобода, е нашиот вечен македонски принцип. Тоа Гаринците на бродов го знаат многу добро. Информирани се од групата нашинци кои ги киднапираа. Нашата историја е вечна борба. Тие нема да ризикуваат да исчезнат заедно со нас. Рамнодушни се на туѓиот живот и на туѓите страдања. Си го сака сопствениот живот и нивната цивилизација.

Вратата од собата се отвори без шум. Алга влезе, се насмевна на Сирма и му рече неколку збора на гаринскиот јазик на Нераб. Овој се сврти кон офицерката:

– Морам да одам. Немојте чекајте да ја повикате Алга да ве одведе кај гувернерот на вселенокорабов. Се надевам дека се разбравме. Што и да кажува гувернерот, кој е жена, не верувајте ништо. Барајте пат и начин да ги контактирате нашите власти.

Сирма ја заниша потврдно главата, се поздравија љубезно и Алга со Нераб ја напуштија собата.

 (продолжува)

Loading